Breaking News

Политико: Холандија и Данска би можеле да побараат дополнителни услови за отворање на преговорите со БиХ


Некои членки на Европската унија (ЕУ), вклучувајќи ги Холандија и Данска, не се задоволни од препораката на Европската комисија за отворање на преговорите за прием на Босна и Херцеговина во ЕУ и може да побара дополнителни услови за официјално отворање на преговорите, објави порталот Политико.


Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатата недела најави дека ќе даде препорака за отворање на преговорите со БиХ, за кои Европскиот совет треба да гласа на 21 март.


Сепак, како што пишува Политико, Холандија и Данска бараат дополнително објаснување зошто БиХ добила позитивен извештај, оценувајќи дека земјата мора да добие дополнителни услови доколку сака да ги отвори преговорите.

-На состанокот во средата неколку земји од ЕУ побараа објаснување за изненадувачки позитивниот извештај за Босна и Херцеговина, изјавија четворица дипломати, пишува Политико.


Тие наведуваат дека може да се постигне потенцијален компромис сличен на Украина и Молдавија, кои во декември добија зелено светло од Европскиот совет поради политичката и безбедносната ситуација.

Сепак, сметаат дека е потребно да се постигнат дополнителни услови за подоцна формално започнување на преговарачкиот процес.


-Нема да започнеме вистински преговори доколку нема повеќе реформи, рече еден од дипломатите, пренесе Политико. мс/фото: МИА архива .

Извор: МИА