Breaking News

Поддржувачите на Таравари со декларација ја потврдија коалицијата со албанската опозиција


Седумдесет и пет претставници на централното собрание денеска во Куманово му дадоа поддршка на лидерот на АА Арбен Таравари за коалиција со албанската опозиција, изјави вечерва Блерант Рамадани по завршувањето на состанокот на Централното собрание, со претседателот на партијата.


Консултативниот состанок, го најави Таравари, откако претходно приврзаниците на Зијадин Села, претседател на Централното Собрание, закажаа состанок на ова партиско тело, за во сабота во Скопје.


Рамадани појасни дека на состанокот во Куманово биле присутни 75 членови иако претходно 85 лица се потпшаа на изјавата за поддршка на Таравари.

Тој не даде образложение зошто не биле присутни сите потпишани, но упати на изјавата на Таравари, дека овие денови биле подложени на притисоци.


 -Претседателот во изјавата кажа дека стварно овие денови имаше притисоци. Вие знаете дека има и отпуштање на луѓе кои се на работни позиции по договор. Тоа е неетички и неморално, рече Рамадани.

 На денешниот консултативен состанок била усвоена декларација со која присутните му дале целосна поддршка на Таравари, за реализација на коалиција со албанската опозиција, се со цел, како што посочи Рамадани, по 20 години ДУИ да премине во опозиција.


  Втората точка од декларацијата, додаде, се однесува на проевропската ориентација на партијата, односно потврда дека таа го поддржува интегрирањето во ЕУ, и е усогласена со политиките на САД.

Една од точките на средбата била одржување состанок со централното раководство.


Рамадани додаде дека АА има 29 членови на централно раководство, а денеска биле присутни 17 кои му дале поддршка на Таравари. На состанокот Бујаре Абази била избрана за шеф на Изборниот штаб на АА.

Рамадани во врска со саботното централно собрание, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека на тој собир ќе бидат присутни помалку членови во споредба со денешниот состанок.

– Тоа што ќе се случи во сабота може да биде само собир од евентуално 45 отсто. Знаеме дека во демократија одлучува мнозинството.

Одлуката на 45 отсто и доколку сите се присутни не може да влијае на оваа одлука, кажа Рамадани.

Пред почетокот на состанокот, министерот за информатичко општество и администрација од Алијанса за Албанците, кој Владата го предложи да биде разрешен заедно со неговиот сопартиец, министерот за здравство Фатмир Меџити, кажа дека нема отцепување на Алијанса за Албанците.

-Нема отцепување на Алијанса за Албанците, бидејќи ние сме Алијансата, другите се ДУИ-сти во Алијанса за Албанците така да тие дали ќе бидат заедно, дали ќе бидат на посебна листа, дали ќе формираат нова политичка партија не знам, рече Алиу.

Во нашиот политички систем, кажа Алиу првпат се случува една политичка партија да влегува и да прави политички процеси во друга политичка партија.

-Тука мислам на ДУИ, којашто делува и прави раскол во Алијанса за Албанците, рече Алиу, додавајќи дека според него вечерва на собранието се присутни над 85 од членовите.

За утре е закажана собраниска седница за разрешување на министерот за здравство Фатмир Меџити и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, двајцата од Алијанса за Албанците, кои го поддржаа актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари што се залага за предизборна коалиција со Европскиот сојуз за промени.

Поранешниот партиски челник Зијадин Села и претседател на централното собрание, и дел од раководството на партијата сметаат дека партијата треба самостојно да настапи на изборите и го обвинија Таравари дека тој како поединец не може да одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.

 Во сабота, според соопштенијата од еден од официјалните мејлови на АА, ќе се одржи централното собрание во хотел „Буши“ во Скопје. ам/нд/Фото: МИА  .

Извор: МИА