Breaking News

Почнува Фестивалот на чај – природни вкусови и ароми, кинеска церемонија, ботаничка градина и научно катче


„Ослободете ја моќта на билките“ е мотото на Фестивалот на чај што ќе се одржува од  денеска до недела во Скопје.


Најавено е претставување на 30-тина учесници – поединци во чиј фокус се чаевите, ароматичните билки, пчелните производи и есенцијалните масла, како и неколку комерцијални македонски и странски брендови.


На фестивалот, што ќе се одржува во Скопје Сити Мол, е предвидено и учество на институти, факултети и институции.

Куриозитет ќе биде претставувањето на Институтот Конфуциј при УКИМ, кој попладнево, во 18 часот, ќе понуди уникатно искуство – традиционална кинеска церемонија на чај и кинески танци во изведба на деца кои го изучуваат кинескиот јазик.


Со едукативно катче ќе се претстават Ботаничката градина од Природно-математичкиот факултет – Скопје и студентите од Истражувачко друштво на студенти биолози (ИДСБ).

Тие ќе ги презентираат македонските билки, науката и младиот потенцијал биолози.


Во научното катче, децата и возрасните ќе можат заедно со ИДСБ да истражуваат хербариуми и инсектариуми и преку бинокулар (стереоскопски микроскоп) да ја погледнат димензијата на минијатурните семиња.

Во 18 часот ќе направат и презентација на садење семиња. На настанот се приклучуваат и „Национални шуми“ со презентација и едукативен дел за македонските шуми, екологијата и потенцијалите.


Децата ќе имаат прилика да уживаат во ликовите на славните книги за природата, во креативно едукативно катче „Сказнувалка“, водено од професионални едукатори од областа на детската литература, креативноста и уметноста.

-На тридневниот фестивал посетителите ќе имаат исклучителна можност да дегустираат и купат чаеви и да дознаат повеќе за добрината на природата, традицијата и културата, како и за моќта на лековите билки од професионалци за ароматични билки и есенцијални масла.

Фестивалот е фокусиран на природната медицина – лековитите билки, од кои се подготвуваат чаеви, есенцијални масла и сапуни, препарати за здрав живот, мелеми и чајни колачи од билки, понатаму шумски плодови, мармалади и чаеви со тартуфи.

Посебен простор е резервиран за пчелни производи, како природниот мед, козметика од мед и пчелни производи за поздрав живот.

Неколку уметници и ракотворци ќе го дообојат фестивалот со рачно изработени чајници и филџани за чај.

Посетителите ќе имаат можност да добијат и совети за поздрав живот од производителите на чаеви и есенцијални масла од ароматични и лековити билки, велат организаторите – Платформата за истражување и промоција на природата и културата „Nature Expedition“ и Скопје Сити Мол.

мч/бак/  .

Извор: МИА