Breaking News

Пoчина новинарката и публицистка Искра Чоловиќ


Во Скопје во средата на 64 години ненадејно почина Искра Чоловиќ, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист.


Беше родена е на 14 јануари 1960 година во Скопје, каде што заврши основно и средно образование, а дипломираше на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје на групата историја на уметноста со археологија.


Во Радио Скопје се вработи во 1986 година како спикер и набргу израсна во еден од столбовите на македонското радиоспикерство.

Во својата 22-годишна спикерска кариера, покрај презентацијата на вести и информации во информативните емисии на Македонското радио, таа имаше снимено повеќе илјади документарни прилози и емисии кои се дел од богатата и непроценлива аудио-документација на Македонското радио.


Од октомври 2006 година беше новинар во Детско-образовната редакција на Македонското радио – Радио Скопје и набргу нејзините емисии за деца, како што беа „Добро утро, љубопитни“, „Мал радиовесник“, „Шарена емисија“, „Нова планета“, „Меридијани“ и актуелните „Детско катче“ и „Утрински жуборења“, станаа едни од најслушаните на програмите на Македонското радио – Радио Скопје.

Потврда за тоа беше излегувањето на 4 ЦД на „Добро утро, љубопитни“, како и на пет аудио-ДВД под наслов „Сложувалка“, кои всушност се антологија на „Шарената емисија“ – некогаш најпопуларната емисија за деца на Македонското радио – Радио Скопје.


Покрај тоа, таа беше коавтор на специјалните радио-емисии: „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ – (I-V), (2013), „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ – (I-II), (2015), Македонскиот јазик – бастион на македонскиот литературен јазик“ (2014) и „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“ (2015).

Искра Чоловиќ беше и позната македонска публицистка.


Таа беше автор, коавтор или приредувач на 14 книги од областа на литературата, културата и меѓукултурниот, меѓуцивилизацискиот и меѓурелигискиот дијалог.

Заедно со Свето Стаменов, таа беше и најзаслужна за повторното откривање, односно за симнување на речиси тридеценискиот вел на ненамерна или намерна заборавеност и речиси целосен молк за првата македонска поетеса Даница Ручигај, која загина во скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година, но која остави неизбришливи траги не само во современата македонска поезија, туку и во македонската култура воопшто.

За Даница и за нејзиното творештво, заедно со Свето Стаменов, таа ги објави следниве книги: „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (2016), „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ (2017), „Лабудова песма Заробљенице ветра“ (2019), „Даница Ручигај: Песна на песните“ (2020) и „Даница Ручигај и книжевната критика“ (2021).

Исто така, беше приредувач на книгите на Даница Ручигај: „Сребрени но}ни игри & Заробеници на ветрот“, која излезе во 2003 година по повод четириесетгодишнината од трагичната смрт на Даница Ручигај, „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“, јубилејно издание по повод шеесетгодишнината од трагичната смрт на првата македонска поетеса Даница Ручигај (1963-2023) и на српското издание „Сребрне ноћне игре и Заробљеници ветра“, јубиларно издање поводом шездесетогодишњице од трагичне смрти прве македонске песникиње Данице Ручигај (1963-2023).

Исто така, таа беше и приредувач на антологијата на песни посветени на Даница „Недореченост, о проклета да си“ (2018), како и коавтор на изложбата на факсимили на рачно напишани песни посветени на Даница Ручигај (2018).

Покрај тоа, таа беше и еден од приредувачите на првата антологија на песни посветени на скопскиот катастрофален земјотрес „Ден судбоносен – 26 јули 1963“, која беше посветена на 55-годишнината од скопската катаклизма.

Таа беше и коавтор на книгите: „Поглед врз Старата скопска чаршија“ (прво и второ изменето издание – 1997 и 2003) и „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“ (2015).

Искра Чоловиќ беше позната и по нејзината хуманитарна активност.

Во 2005 година беше една од иницијаторите за воспоставување на наградата „Даница Ручигај“ за најдобра дебитантска поетска книга, чија цел беше да се промовираат млади неафирмирани поети, како и на акцијата „1.

000 книги за училишните библиотеки“ на издавачката куќа „Пергамент паблик“ од Скопје, во чии рамки во периодот 2005‐2007 година беа донирани околу 2.

000 книги на библиотеките на околу дваесетина и средни училишта во земјава, а во последниве три години, заедно со Свето Стаменов, донираше околу 350 книги на дваесетина библиотеки во земјава и во странство.

Искра Чоловиќ за својата новинарска и публицистичка дејност беше наградена со Специјално признание на Општина Ѓорче Петров за постигнувања во новинарството во 2007 година, со Годишната награда на Општина Центар „Феникс“ за постигнувања во новинарството во 2009 година и со Годишната награда на Општина Ѓорче Петров во 2019 година, како со голем број благодарници и пофалници од повеќе основни и средни училишта од Скопје заради успешна соработка.

По повод шеесетгодишнината од трагичната смрт на првата македонска поетеса Даница Ручигај (1963-2023), госпоѓа Златица Ручигај Поповиќ ѝ додели Благодарница и Повелба заради повеќегодишен континуиран исклучителен придонес во зачувувањето, негувањето и афирмацијата на ликот и делото на Даница Ручигај.

Погребот на Искра Чоловиќ ќе биде извршен во недела (17 декември) на Градските гробишата Бутел во Скопје во 13,30 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во капелата од 12 до 13 часот.

са/дма/   .

Извор: МИА