Breaking News

Писториус: Барање на денот на Германија и ЕУ до Приштина е деескалација на односите со Србија


– Министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус, кој денеска престојува во официјална посета на Косово, порача дека „стабилноста на Косово и регионот е приоритет“ за неговата земја и за Европската унија, јави дописникот на МИА од Приштина.


На прес-конференција по средбата со косовската претседателка, Вјоса Османи, Писториус рече дека „барање на денот“ за Косово и Србија е деескалација на односите меѓу двете држави и повика на „на разумност и претпазливост“ при преземањето дејствија од страна на косовските власти.


Тој ја повтори заложбата на германскиот канцелар Олаф Шолц за интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, нагласувајќи дека „за тоа е потребен дијалог како услов“.

– Стабилноста на регионот и на Косово е од посебно значење за нас – знаеме и од историјата на Европа во последните 50 години дека стабилноста и нестабилноста на Балканот одиграа голема улога во безбедноста низ Европа.


Што се однесува до односите меѓу Србија и Косово, барање на денот е деескалација.

Сојузниот канцелар истакна дека иднината на Западен Балкан е во Европа, но за тоа е потребен дијалог како услов и никој не треба и не може да има интерес за натамошна тензија.


Имајќи ги предвид актуелните тензии со Србија и српското малцинство во Косово, јасно повикуваме на разумност и претпазливост, порача Писториус.

Во врска со спроведувањето на новата регулатива на Централната банка на Косово, со која се забранува употребата на српскиот динар во земјата, Писториус рече дека Косово има право да го спроведе своето законодавство, меѓутоа од Приштина се бара да се одложи примената на оваа регулатива за подолг период.


Според германскиот министер за одбрана, регулативата треба да се комуницира на посоодветен начин, „за никој да не се плаши“ од нејзината примена.

– Знаеме дека Косово има право да ја спроведе својата легилслатива, а деескалацијата вклучува и легитимни мерки во однос на воспоставувањето на еврото како единствена валута.

Меѓутоа, тоа треба да се соопшти на соодветен начин, за никој да не се плаши и да нема недостаток на информации.

Мислам дека е добро да се направи и спроведе регулативата, но да се даде малку подолг рок за нејзино спроведување, рече Писториус.

Тој порача дека дијалогот меѓу Косово и Србија мора да продолжи што поскоро.

– Дијалогот мора бргу да се возобнови бидејќи само така ќе успееме да се доближиме до интеграцијата на Косово и регионот, а тука е и спроведувањето на каталогот на мерки договорен во Охрид.

Тоа треба да биде целта, бидејќи заедничката цел е членството на сите шест земји на Западен Балкан во ЕУ, рече Писториус, ветувајќи натамошна поддршка од Германија за Косово на меѓународен план.

По приемот кај Османи, германскиот министер за одбрана замина на средба со премиерот Албин Курти во Владата на Косово, а потоа и со неговиот хомолог, косовскиот министер за одбрана, Ејуп Маќедонци.

Писториус при посетата во Косово е придружуван од пратеници во Бундестагот и од германскиот амбасадор во Приштина, Јорн Роде. иа/рп/ .

Извор: МИА