Breaking News

Петровска на средба со помошникот генерален секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Ангус Лапсли


Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска имаше средба со помошникот на генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Ангус Лапсли и неговиот тим, на која се разговараше за безбедносната состојба во Европа, исполнувањето на НАТО целите на способности, како и за развојот на способностите на македонската Армија која минува низ сеопфатен процес на опремување и модернизација, соопшти МО.


– Северна Македонија, како и останатите сојузници, е амбициозна и посветена на исполнувањето на НАТО целите на способности.


Тоа е јасно видливо преку исполнувањето на двата НАТО критериуми поврзани со буџетирањето на одбраната.

Ние во безбедноста вложуваме 2,05% од македонскиот БДП, а од нив речиси една третина се инвестира во опремување и модернизација на Армијата, рече Петровска на средбата во МО.


Таа ја реафирмираше посветеноста на Северна Македонија кон зацврстувањето на колективната безбедност на НАТО, и тоа преку учеството во мултинационалните сили на Алијансата во Романија, во Бугарија и во Летонија, додека истовремено земјата се позиционираше и како една од столбовите на регионалната стабилност.

Пример за нашата посветеност на регионот, потенцираше Петровска, е учеството во мисијата на НАТО на Косово, КФОР, и во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА.


Петровска и Лапсли разговараа и за претстојниот Лидерски самит на НАТО во Вашингтон, каде ќе биде одбележан и 75-годишниот јубилеј од основањето на Алијансата, укажувајќи на единството на сите земји-членки, како и на вредностите и принципите кои се во сржта на Алијансата.

Соговорниците ја реафирмираа и поддршката за Украина која ја брани својата независност и својот територијален интегритет при што министерката Петровска информираше дека досега Северна Македонија има донесено 14 одлуки за воена и хуманитарна помош за оваа земја, соопштуваат од МО.


са/Фото: МО  .

Извор: МИА