Breaking News

Петнаесет изданија на „Дневникот на Ана Франк“ дел од изложбата по повод 85-годишнината од „Кристална ноќ“


Петнаесет изданија на книгата „Дневникот на Ана Франк“ печатени на различни јазици во периодот од 1957 до 2020 година, како и текстови од книгата во изданијата на списанието „Развигор“ беа изложени на денешната изложба по повод 85-годишнината од „Кристална ноќ“, што се одржа во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите.


Изложбата ја организира Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија во соработка со Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.


 – Поминаа 85 години од Кристалната ноќ, луѓето не се похумани или посвесни за ужасот на нивните постапки.

Треба да научиме да го препознаеме злото, да го впериме прстот, да го крениме гласот и да делуваме, силно и храбро, онака како што правеле Евреите чии книги биле масовно палени и уништувани.


Да се бориме со знаење и мудрост, со љубов и подадена рака.

Да му се спротивставиме на антисемитизмот и неразумното негативно стереотипно маркирање на Евреите, порачаа организаторите на отворањето на изложбата.


Како што истакнаа, изложбата се одржува во Меморијалниот дом каде што се чуваат спомените на 7144 убиени Евреи од земјава.

Изложбата беше отворена со пораката „Темнината не може да ја истера темнината, светлината може да го направи тоа.


Омразата не може да ја истера омразата, само љубовта ја има таа моќ“ од Мартин Лутер Кинг и со мотивот на младата Ана Франк  – Не сакам залудно да живеам, како повеќето од луѓето.

Сакам да бидам корисна и да донесам задоволство до сите луѓе, дури и до оние кои никогаш не сум ги запознала. Сакам да продолжам да живеам и после смртта“.

Кристална ноќ е акт на масовно прогонување на Евреите во цела Германија и делови од Австрија на 9 и 10 ноември 1938 година. Домовите на Евреите биле опустошени во неколку германски градови, како и 8.

000 еврејски дуќани, градови и села. Улиците останале покриени со скршени прозорци и излози и оттаму доаѓа името „Ноќ на скршено стакло“. Многу Евреи биле претепани до смрт, а 30.

000 Евреи мажи биле однесени во концентрациони логори. сан/бак/ Фото: МИА .

Извор: МИА