Breaking News

Педесет милиони денари за капитални проекти ќе инвестира годинава Општина Зрновци


– За реализација на капитални градежни активности во текот на оваа година Општина Зрновци ќе инвестира близу 50 милиони денари, што е највисока сума досега од нејзиното формирање.


Најголем дел од инвестициите се однесуваат на сообраќајната инфраструктура, при што 30 милиони денари се предвидени за изградба на локален пат од Зрновци до Мородвис, потоа на улицата „Филе Ристов“, како и на спој на улица „Никола Карев“ со нова сервисна улица.


Дополнително, три милиони денари се обезбедени за изградба на нови улици во селата Видовиште, Мородвис и Зрновци.

-Во текот на оваа година ќе реализираме уште три капитални проекти за коишто ќе инвестираме близу 10 милиони денари.


Најголем дел од средствата ќе се вложат во изградба на тротоар на улицата „Илинденска“, од влезот во Зрновци до излезот кон селото Мородвис.

Околу 2,2 милиони се за изградба на армирано-бетонска преграда со зафат на Морошка Река и 1,7 милиони денари за изградба на резервоар за водоснабдување во селото Видовиште, истакна градоначалникот на Зрновци Борчо Коцев.


Покрај овие три градежни зафати, потпишан е и договор за набавка на комбинирана машина ровокопач за што ќе се инвестираат 5,3 милиони денари.

Исто така, ќе се изведуваат и градежни работи за промена на секундарната водоводна мрежа во Зрновци и изградба на одводен канал, за што се обезбедени 280 илјади денари.


Веќе се завршени подоготвителните работи, изработена е техничката и друга документација и потпишани се договорите со економските оператори.

Реализацијата на сите проекти е со поддршка од стручната служба во Општина Зрновци, како и од надворешните соработници што се вклучени во подготвителните активности. та/мд/фото: МИА .

Извор: МИА