Парламентот на Виетнам ја прифати оставката на претседателот Тонг


– Виетнамскиот Парламент ја одобри оставката на претседателот Во Ван Тонг.


Тој е последниот висок функционер што се повлече од функцијата поради засилената антикорупциска акција од страна на владејачката Комунистичка партија.


Тонг (53) е вториот виетнамски претседател кој поднесе оставка за само една година. Сите промени во раководството на земјата неодамна беа поврзани со голема кампања за борба против корупцијата.

Се уште не е познато кој ќе го замени Тонг, но во согласност со Уставот, привремен претседател треба да биде именувам потпретседателот Во Ти Ан Суан.


Во Виетнам, претседателот има главно церемонијални функции.

Парламентарното гласање во голема мера е процедурален чекор откако Централниот комитет на виетнамската Комунистичка партија ја прифати оставката на Тонг, отстранувајќи го од највисокото тело за одлучување – Политбирото и од неговата функција како претседател на Националниот совет за одбрана и безбедност.


Централниот комитет објави дека Тонг ги прекршил партиските правила, додавајќи дека овие „слабости негативно влијаеле на јавното мислење, нанесувајќи им штета на доброто име на партијата, државата и самиот тој“, без да прецизира точно кои се неговите грешки.

Тонг важеше за близок соработник на генералниот секретар Нгујен Пу Чонг, најмоќната личност во Виетнам и архитект на антикорупциската кампања која неодамна се интензивираше по неколкуте случаи на измама и поткуп во кои беа вклучени високи функционери и корпоративни директори.


 ми/фото: МИА архива .

Извор: МИА