Папaта Франциск идната недела објавува нови мемоари


Папата Франциск во своите нови мемоари, кои ќе бидат објавени идната недела, зборува за своите надежи за Католичката црква, за настаните како што е Втората светска војна и нападите на 11 септември, истополовите заедници, но и контроверзниот гол со рака на Диего Марадона.


„Животот – мојата приказна низ историјата“, мемоари напишани со италијанскиот новинар Фабио Маркезе Рагон, излегуваат во продажба на 19 март, на 11-годишнината од стапувањето на Франциск папската функција.


Иако не открива многу ново, книгата од 230 страници е лесно читлива, напишана во форма на разговор, а започнува со неговото детство во Буенос Аирес.

Во неа се говори за настани како што се Втората светска војна, холокаустот и студената војна, слетувањето на Месечината во 1969 година, падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, терористичкиот напад на 11 септември 2001 година и оставката на папата Бенедикт Шеснаесетти.


Франциск, чие здравје во изминатиот период е ослабено и има проблеми при одењето, повторува дека нема намера да се повлече како неговиот претходник, освен во случај на сериозна „физичка препрека“.

Во книгата, папата се шегува дека неговите конзервативни критичари „можеби се надевале“ дека тој ќе се повлече откако неодамна беше во болница, но дека тоа е малку веројатно затоа што сè уште има голем број проекти што сака да ги оствари.


Франсиск повторно ја брани својата неодамнешна одлука да дозволи благослов на истополовите врски, нагласувајќи дека тоа не е благослов на нивната врска, туку на поединци кои „го бараат Господа, но се отфрлени или осудени“.

Самата Црква „нема овластување да ги менува тајните создадени од Господ“, па тие благослови „не значат дека Црквата ги поддржува истополовите бракови“.


Преку своите мемоари, Франциск користи историски настани за да говори за денешницата.

Во делот за Втората светска војна тој пишува дека предрасудите кон Евреите опстојуваат до денес и дека „тоа не е ниту христијански ниту човечки“.

„Кога ќе разбереме дека тоа се наши браќа и сестри?“, прашува тој.

Во делот за нападите на 11 септември, Франциск истакнува дека „богохулство е да се користи Божјото име за да се оправда колење, убиства, терористички напади, осуда на поединци и цели популации“, и дека некои тоа го прават и денес.

Тој ги отфрли како „измислени“ неодамнешните извештаи на американските конзервативни католички медиуми дека планира да ги промени правилата околу конклавите за да можат калуѓерките и мирјаните да станат дел од нив и да избираат идни папи.

Папата се осврнува и на помалку сериозни теми, како што е познатиот, контроверзен гол со рака на неговиот сонародник Диего Марадона во финалето на Светското првенство во Германија во 1986 година.

рп/Фото: МИА архива  .

Извор: МИА