Breaking News

Пападопулу: ЕУ перспективата на Украина, Молдавија и Грузија да не биде на товар на земјите од Западен Балкан


– Грција секогаш беше предводник на проширувањето на Западен Балкан, но и јасно и гласно кажуваме дека потребата да им дадеме на Украина, Молдавија и Грузија иднина во Европската Унија, не треба да биде на товар на Западен Балкан, порача заменик-министерката за надворешни работи на Грција Александра Пападопулу, јави дописничката на МИА од Атина.


За време на учеството на конференцијата на тема „Западен Балкан и проширувањето на ЕУ во 2030: Сон или реалност?“ во организација на грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП и Блед стратешкиот форум, Пападопулу посочи дека геополитичката загриженост има еднаква вредност и за Истокот и за Југот и „не треба да се оставиме едното да биде на сметка на другото“.


Посочи дека проширувањето оди чекор по чекор, сите треба да го почитуваат овој процес, а секоја земја оди напред согласно сопствениот напредок.

Се осврна на Солунската агенда од 2003 година, истакнувајќи дека по 20 години проширувањето не се движи толку бргу, колку што очекувале, но и потенцираше дека „треба да се избегне да ги повториме грешките од минатото“.


-Треба да бидеме многу внимателни за да не бидат разочарани луѓето од Западен Балкан и исто така да ги увериме да разберат дека не постои замор од проширувањето кај земјите-членки на Унијата и дека станува збор за некои сомнежи дали навистина се подготвени да ги усвојат критериумите.

А од наша страна, ние членките на Европската Унија треба да ги одржиме нашите ветувања. Не треба да ветуваме работи што не можеме да ги исполниме, истакна заменичката МНР на Грција.


Во однос на процесот на реформи за интеграција во Унијата, Пападопулу посочи дека понекогаш од земјите кандидати се бара премногу брзо да се спроведат, односно како што рече „сакаме да одат на последипломски студии, без да имаат завршено средно училиште“, објаснувајќи дека секоја држава доаѓа од тешки ситуации од минатото и „помудро е да се почне од поосновни работи и да им се даде простор и време на адаптација“, но и да се земат превид и особеностите на секоја од случаите.

– Нема ништо погрешно да се адаптираат критериумите, тие се исти, не се менуваат, но треба да ги адаптираме согласно околностите на теренот, истакна Пападопулу.


Паралелно, се осврна и на важноста на владеењето на правото како еден од најважните и најглавни критериуми за членство во ЕУ.

Државниот секретар од Министерството за надворешни работи на Словенија Марко Штуцин потенцираше дека ЕУ поставува постојано нови услови за земјите кандидати, односно кога ќе ги исполнат се поставуваат нови, но и додаде дека ЕУ се постојано се реформира, но внатрешните реформи не треба да бидат изговор за да не напредуваат пристапните преговори.

На конференцијата во Атина учествуваа претставници на земјите од Западен Балкан, односно министерката за европски прашања на Црна Гора, заменик-министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, заменик-министерот за евроинтеграции на Република Србија и вицепремиерот за евроинтеграции и развој на Косово, кои од своја гледна точка дискутираа за реалност регионот до 2030 година да биде дел од европското семејство.

ср/са/Фото: МИА .

Извор: МИА