Breaking News

Панел дискусија за улогата и позицијата на жената во бизнис светот


– Родовата еднаквост е предизвик со кој се соочуваат сите земји во светот.


Ако индексот на целосна родова еднаквост е 100 до 100, ние со 64 од 100 сме понапред од земјите во Западен Балкан, но сме далеку од скандинавските земји кои се најдобри во светот со индекс од 80 до 85 од 100, е главната порака од панел дискусијата „Улогата и позицијата на жената во бизнис светот, предности, предизвици и можности!“, што вечерва се одржа во Скопје во организација на Амбасадата на Република Словенија.


  Целта на настанот е споделување искуства на жените во бизнис светот и промоција на лидерските аспекти од перспектива на жената како суштински архитект на колективното и економско закрепнување и одржлива иднина.

Словенечкиот амбасадор Грегор Прескер изјави дека целта на настанот е да се даде значење на жените бизнисменки и да се покаже дека жените може да имаат главна улога во претпријатијата и во институциите, како и да се истакне дека мажите и жените се рамноправни на работа и во секојдневниот живот и на тој начин да се надминат некои традиционални предрасуди од минатото.


-Сметам дека Македонија добро ја прати Словенија која е прилично добро развиена во делот на рамноправноста и нема некои табу теми и дискриминации кои можеби некогаш ги имаше.

Кај нас жените се поприлично рамноправни и сметам дека тоа е добро за секое општество да се развива на добар начин, изјави Прескер за МИА пред почетокот на настанот.


     Во своето обраќање, пак, порача дека различноста меѓу половите овозможува да се надополнуваме едни со други и со тоа да придонесеме во подобар успех во тимот, проектот, компанијата.

-Силно верувам во моќта на жената и пред се мислам  дека жените се одлични преговарачи со чувство за соговорникот што понекогаш е клучно дури и во деловниот свет.


Вие емпатично знаете да ја почувствувате другата страна што создава услови за преговори со позитивен исход.

Верувам дека мажите и жените се целосно комплементарни за заедно за да придонесеме за социјалниот, економскиот и демократскиот напредок за секое општество, им порача Прескер на присутните на панел дискусијата.

Според нашите информации, додаде, искуствата на бизнисмените покажуваат дека мешаните тимови се најдобри за изнаоѓање решенија при деловните предизвици.

  -Ние не ги делиме нашите вработени врз основа на нивниот пол, туку врз основа на нивната способност и други квалитети кои се важни за извршување на одредена работа, рече Прескер.

Гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска Бежоска во своето обраќање на дебатата рече дека кризите и пандемијата најмногу ги погодија жените и младите.

-Овие кризи влијаеја непропорционално врз различни економски и општествени сегменти. Пандемијата најмногу ја погоди младата популација, ниско квалификуваните работници и жените.

Стапката на вработеност на жените во вој период се намали за 7 процентни поен, а кај мажите за 5 со што уште повеќе се продлабочи јазот што и претходно постоеше, рече Ангеловска Бежоска.

И кај нас, посочи, кризите повеќе ги погодија жените отколку мажите. -Стапката на активност во регионов се намали на 51 процент со посебен пад кај жените и кај мажите.

Кај жените таа се сведе на 41,5 проценти што значи дека само 40 отсто од работоспособното женско население е активно на пазарот на труд.

При тоа разликите во регионот се прилично големи – стапката на активност на жените во Албанија е 52 проценти, кај нас е 46, а во Косово 22 процента.

Стапката на активност на жените се подобрува но кај нас и во Косово уште е под нивото кое беше пред пандемијата, рече Ангеловска Бежоска.

Потенцира дека кризите го забавија трендот на намалување на родовиот јаз и додаде дека тој и понатаму се одржува на високо ниво во целиот регион.

-Родовиот јаз во платите се движи во интервал од 7 до 16 проценти што е спротивно со трендот во ЕУ каде има континуирано намалување на јазот во платите меѓу жените и мажите.

Пониската вработеност на жените и понискиот доход влијаат и до пристапот до финансирање.

Кај нас околу 55 проценти од вкупниот број на кредитокорисници се мажи, 62 отсто од вкупната вредност на кредитното портфолио на банкарскиот систем е лоцирано кај мажите, а само 38 отсто кај жените, истакна Ангеловска Бежоска.

Нагласи дека поголемата општествено-економска инклузија на жените е важна и носи бројни полезности за целото општество и додаде дека поголемата инклузија на жените резултира со повисок БДП за околу 10 проценти во просек, а кај помалку развиените економии дури и за 30 проценти.

 -Земјите во Западен Балкан секоја година губат 18 проценти од БДП токму поради помалата вклученост на жените на пазарот на труд при што две третини од оваа загуба се објаснува со ниската стапка на активност, а еден дел на изборот на занимањата, рече Ангеловска Бежоска и додаде дека жените може дадат поинаква квалитативна димензија на пазарот на трудот.

Александра Томиќ, главен уредник на „Блумберг Адрија дигитал“ посочи дека македонското општество поприлично се соочува со родови разлики и додаде дека тоа најверојатно влече корени од нашето патријархално воспитување тука, па и во целиот поширок регион.

Во новинарската професија, додаде, клучен предизвик е замолчувањето, особено на новинарките.

-Со развојот на дигиталните медиуми бевме сведоци на погрдни зборови упатени само кон новинарките што не беа упатени и кон колегите новинари.

Секој полесно се одважува да нападне новинарка само заради тоа што е жена, а многу помалку тоа се случува со новинарите од машки пол, изјави Томиќ.

Статистиките во земјава, како што рече, покажуваат дека жените заработуваат многу помалку од мажите со иста професија за трудот што го даваат и кој е со иста вредност. -Тоа мора да се следи.

Треба да се промени и фактот што жената во Македонија има многу повеќе неплатен труд, односно откако ќе се врати од работа мора да работи и дома.

Сето тоа можеби би се и сменило ако се донесат измените на Законот за работни односи и да почнеме со тоа не само жената, туку и мажите да одат на породилно отсуство.

Тоа може и сега, но со измените ќе има и мајчинско и татковско отсуство и комбинација која ќе може да ја бираат. Тоа можеби е само еден чекор што ќе промени некои работи, рече Томиќ.

 Директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими истакна дека во нејзината установа дури 80 отсто од вработените се жени, а мажите се само технички персонал.

-Од 2018 година во Галеријата има изложба која е посветена само на жената и која преоѓа во убава традиција, рече Старова Ќерими. вј/нд/Фото: МИА  .

Извор: МИА