Breaking News

Отворени гласачките места на претседателските и парламентарни избори во Тајван


– Рано утринава на Тајван беа отворени избирачките места на претседателските и парламентарните избори,  кои Кина ги опиша како избор меѓу војна и мир, а се одржуваат додека Пекинг го засилува притисокот врз властите на островот.


Тајван, пишуваат британските медиуми, е демократска успешна приказна од одржувањето на првите директни претседателски избори во 1996 година.


Владејачката Демократска напредна партија (ДПП), која се залага за посебен идентитет за Тајван и ги отфрла територијалните претензии на Кина, сега бара трет мандат со нејзиниот кандидат, актуелниот потпретседател Лаи Чинг-те.

Пред изборите, Кина повторно го осуди Лаи како опасен сепаратист и ги отфрли неговите повторени покани за разговори.


Лаи вели дека е посветен на одржување на мирот преку Тајванскиот теснец и продолжува да ја зајакнува одбраната на островот.

На овие избори Лаи се соочува со двајца противкандидати – Хоу Ју-их од најголемата тајванска опозициска партија Куоминтанг (КМТ) и поранешниот градоначалник на Тајпеј, Ко Вен-је од малата Тајванска народна партија (ТПП), основана во 2019 година.


Парламентарните избори се подеднакво важни, особено ако ниту една од трите партии не може да освои мнозинство, што може да му попречи на новиот претседател да донесува закони и да троши, особено за одбраната.

Избирачките места се отворени осум часа, а гласачките ливчиња ќе се бројат рачно, нема електронско ниту гласање во отсуство, преку други лица или предвремено гласање.


Резултатот од изборите треба да биде познат доцна вечерва кога се очекува победникот да одржи победнички говор.

 На досегашната претседателка Цаи Инг-вен уставно и беше  забрането да се кандидира за реизбор по двата претседателски мандата. сд/фото:ЕПА .

Извор: МИА