Breaking News

Отворање на 6. Годишна конференција за е-трговија


Под мотото „Редефинирање на е-трговијата со вештачка интелигенција” денеска во Скопје ќе биде отворено шестото издание на Конференцијата за е-трговија во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.


Од Асоцијацијата за е-трговија информираат дека врвни и еминентни експерти од големите светски брендови Мета, Заландо, Нестле, Алегро, но и претставници од едни од најуспешните регионални бизниси ќе бидат дел од најавената програма, кои преку предавања, панел дискусии и разговори ќе ги пренесат своите експертизи и искуства од областа на е-трговијата, вештачката интелигенција, дигитализацијата и дигиталниот маркетинг.


Посочуваат дека Конференцијата и годинава има регионален карактер и е најголема досега – ќе присуствуваат повеќе од 600 гости – успешни претприемачи, е-трговци, директори и менаџери на компании и владини претставници од земјава, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и Бугарија.

-Конференцијата за е-трговија стана најпосетуван бизнис настан од овој тип во Македонија и регионот.


Огромниот број на присутни и распродаденоста на билетите на шест дена пред конференцијата го потврдува токму тоа.

Организирањето на овој настан пред сѐ е огромна чест и задоволство бидејќи е од високо значење за понатамошен раст и развој на е-трговијата во земјава и регионот.


Големиот интерес за овој настан е резултат на посветен тим со стремеж кон перфекција, кој секогаш има за цел да креира најдобро искуство за присутните, обезбедувајќи им можност да се стекнат со нови, свежи знаења и да се поврзат и запознаат со нивни истомисленици за креирање на нови бизнис соработки, вели Виктор Стојкоски, Генерален секретар на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

Како дел од програмата официјално ќе се споделат податоци од Годишниот преглед на анализата за е-трговија за 2023 година, ќе се зборува и за важноста на податоците, маркетингот и вештачката интелигенција како потпора за успешен бизнис со е-трговија, влијанието на „маркетплејс“ платформите во секторот на е-трговија, но и за значењето на беспрекорното искуство со интернет плаќањата и меѓуграничната достава на интернет, а ќе бидат споделени и искуства од успешните е-трговци во регионот.


Пред присутните гости свои поздравни обраќања ќе имаат претседателот Стево Пендаровски, амбасадорката на Сојузната Република Германија во земјава Петра Дрекслер, Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје, како и Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија.

-Покрај новата локација оваа година новост е и иновативниот пристап за активација на таканаречениот саемски дел каде што присутните ќе имаат можност одблиску да се запознаат со присутните компании, што ќе биде дополнителна можност за вмрежување и споделување на искуства, но и добивање на вредни подароци од спонзорите на конференцијата.

Исто така, оваа година содржината на конференцијата, планирањето, агендата, и креативната комуникација на социјалните медиуми и на денот на самиот настан се креираа со помош на вештачка интелигенција.

Овој иновативен пристап ја издвојува конференцијата од традиционалните настани и ја носи на едно повисоко ниво, заедно со нејзината интензивна регионална промоција низ целиот Западен Балкан, потенцираат организаторите на Конференцијата.

Инаку, минатата година конференцијата за е-трговија беше домаќин на преку 500 учесници од 150 компании, организации, универзитети и владини институции од земјата и од регионот, а свои презентации имаа 30 говорници од 10 земји.

Конференцијата е поддржана од Германското друштво за соработка – ГИЗ како организациски партнер, Мастеркард како генерален партнер, А1 Македонија како дигитален партнер, Ананас и НЛБ Банка како златни партнери и Комерцијална банка, Корпа, Пивара Скопје, Геники Таксидромики, Фит Кит, Халкбанк, Фешн Груп и Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп како сребрени партнери на настанот.

фф/вј/Фото: Асоцијација за е-трговија .

Извор: МИА