Breaking News

Осуди и апели за воздржаност по нападот на Хамас врз Израел


– Амбасадорката на САД во Израел, Стефани Халет на социјалните мрежи напиша дека се вознемирувачки „фотографиите на загинати и повредени цивили во јужен Израел, кои се убиени од страна на терористите во Газа“.


САД се со Израел, напиша Халет на Х.


Претходно, претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска ги повика Израел и Палестинците на воздржаност и да избегнуваат непријателски акции кои можат да ја влошат ситуацијата по нападот на Хамас врз израелска територија- Ги повикуваме сите страни на воздржаност.

Тие треба да се воздржат од агресивни акции, изјави Ердоган по нападот врз Израел при што загинаа најмалку 22 цивили, а повредени се над 500 луѓе.


И Саудиска Арабија упати апел за прекин на насилството помеѓу Израел и Палестинците.

– Ги следиме настаните без преседан меѓу голем број палестински групи и израелските окупаторски сили, кои доведоа до високо ниво на насилство на повеќе фронтови, се наведува во соопштението на саудиското Министерство за надворешни работи.


Во меѓувреме, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел изјави дека земањето заложници е кршење на меѓународното право.

– Вестите за земање на цивили како заложници од нивните домови или во Газа се застрашувачки. Ова е спротивно на меѓународното право. Заложниците мора веднаш да бидат ослободени, објави Борел на Х.


Претходно, Хамас објави дека земени се Израелци како заложници. Хамас утрово почна операција „Потоп Ал Акса“, при што истрела, како што тврди, 5.

000 ракети, а припадници на џихадистичката група се инфилтрираа по копно и море на израелска територија.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху претходно изјави дека неговата земја е во војна, а армијата прогласи воена готовност и почна операција „Железни мечеви“ врз Појасот Газа.

Ненадејниот, денешен масовен напад на Хамас е на еврејскиот празник Симхат Тору, што ги потсети Израелците на војната од октомври 1973 година, кога беше нападната еврејската држава, на Денот на покајување (Јом Кипур).

Вчера се навршија 50 години од почетокот на тринеделната војна при што загинаа 2. 600 Израелци, а најмалку 9. 500 луѓе загинаа или се водат како исчезнати.

Според експертите нападот на Хамас е резултат на повиците на премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговите ултрадесничарски сојузници за поагресивна акција против заканите од Појасот Газа.

Политичките коментатори ја критикуваа Владата дека не предвидела планиран и координиран напад од Хамас.  ми/фото: ЕПА .

Извор: МИА