Breaking News

Османи во Прага на годишниот Форум на економската и еколошката димензија на ОБСЕ


Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, денеска и утре ќе присуствува на годишниот Форум на економската и еколошката димензија на ОБСЕ кој се одржува во Прага, а во рамки на Претседателството на Северна Македонија со Организацијата.


Како што информира МНР, темата на Форумот е „Промовирање на безбедноста и стабилноста во регионот на ОБСЕ преку постигнување одржлив развој и отпорен и инклузивен економски раст“.


-Во рамки на дводневната програма ќе се дискутира на важни теми кои се приоритети на Претседателството во втората димензија на ОБСЕ: справување со климатските промени, доброто владеење и антикорупцијата, олеснувањето на транспортот и трговијата и безбедност на храната, како и управувањето со ризици предизвикани од катастрофи, соопшти Министерството.

Официјалниот дел на Форумот ќе го отвори претседавачот со ОБСЕ, Османи, а предвидени се воведни обраќања и од генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, како и од министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски.


На покана на Османи, наведува МНР, настанот на едно место ќе собере видни делегати од владини и државни институции, претставници од приватниот сектор, академската заедница, граѓанското општество и меѓународните организации.

-Целта на Форумот е да ги продолжи, но и надополни дискусиите на оваа тема од Струшката конференција за економската и еколошката димензија на ОБСЕ, која се одржа годинава во јуни, како и да поттикне интерактивна дискусија и размена на национални искуства, што може да резултира со конкретни и остварливи препораки за ОБСЕ и нејзините земји учеснички, информира Министерството за надворешни работи.


хс/лв/Фото: МИА архива  .

Извор: МИА