Breaking News

Османи: ОБСЕ и Советот на Европа ќе ги зачуваат заедничките вредности и принципи


ОБСЕ и Ссоветот на Европа споделуваат заеднички вредности и принципи градени со децении – одбрана на демократијата и достигнувањата на мултилатерализмот што се нарушени со воената агресија на Русија врз Украина.


„Обединети за Европа“, како и насловот на сесијата, треба да биде целта и на понатамошното дејствување на овие две значајни организации кои ја гарантираат европската безбедносна архитектура, која е загрозена со војната во Украина.


Ова го истакна претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи во обраќањето на завршната сесија на четвртиот Самит на Советот на Европа (СЕ) што се одржува во Рејкјавик, Исланд.

 -Последиците и трошоците од оваа војна се чувствуваат во цела Европа и во поширокиот регион на ОБСЕ.


Но, нашиот избор е да ги заштитиме нашите заеднички демократски вредности и заложби преку нашата мрежа на принципи и достигнувања, прецизно создадена да ја одбраниме нашата иднина, рече Османи.

Врвен приоритет во нашата работа, додаде Османи, ќе биде ублажувањето на страдањето на луѓето погодени од војната и од други конфликти кои стравуваат за своите животи и егзистенција.


-Убеден сум дека ОБСЕ има многу механизми кои може да ги понуди за надминување на состојбите во сите региони и во тоа нема да штедиме напори.

Ќе продолжиме да даваме поддршка за функционалност на организацијата, за промоција на човековите права и недискриминацијата, безбедноста и одржливиот развој и сето тоа во координација со партнерите од Советот на Европа, порача Османи.


Во своето обраќање Османи се осврна и на придобивките за Северна Македонија од членството во ОБСЕ и во Советот на Европа.

-Да се претседава со ОБСЕ во ова време на големи предизвици значи дека имаме капацитет да дадеме придонес во промовирањето на основните слободи, човековите права, демократијата и владеење на правото, потенцираше Османи.

На маргините на Самитот во Рејкјавик, Османи одржа билатерални средби со министерот за надворешни работи на Шведска, Тобијас Билстром и со специјален претставник на британскиот премиер за спречување сексуално насилство во услови на конфликт и министер за Блискиот Исток, Северна Африка, Јужна Азија и ОНН, Лорд Ахмад од Вимблдон.

Тема на разговор биле прашања поврзани со претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ и други теми важни за функционирањето на организацијата, наведуваат од МНР. вг/нд/Фото: МНР .

Извор: МИА