Breaking News

Османи-Кери во Виена: Климатските промени и нивното негативно влијание на безбедноста во фокус на средбата 


Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во својство на претседавач со ОБСЕ, денеска остварил средба со американскиот специјален претставник за клима, Џон Кери на маргините на ОБСЕ Конференцијата за климатски промени во Виена.


Како што соопштија од Министерството за надворешни работи (МНР), Османи и Кери разговарале за климатските промени и нивното влијае на безбедноста и стабилноста во целиот регион на ОБСЕ.


– Ставањето на ова прашање високо на агендата на ОБСЕ ја покажува посветеноста и подготвеноста на ОБСЕ за понудување на решенија.

И Северна Македонија работи посветено на справување со предизвиците што ги носат климатските промени.


Со поттикнување на регионалната соработка и спроведување на заеднички иницијативи, Северна Македонија има за цел да го ублажи влијанието на климатските промени и да обезбеди сигурна и одржлива иднина за сите земји-учеснички, истакнал Османи на средбата.

Тој нагласил дека во наредниот период ОБСЕ ќе биде вклучена во спроведување на вредни проекти и иницијативи во оваа тематска област.


– Бидејќи негативните влијанија предизвикани од климатските промени ретко се ограничени во националните граници, ние мора да продолжиме со нашите напори за идентификување и надминување на заедничките закани преку засилена регионална соработка и преку развивање заеднички мерки за намалување на ризикот на терен, рекол Османи.

Како што стои во соопштението од МНР, Османи го запознал Кери и со тековните активности на проектот поддржан од ОБСЕ за заштита на Шар Планина и Корабскиот масив и се заблагодарил за американската помош наменета за спроведување на проектот.


цр/нд/Фото: МНР   .

Извор: МИА