Османи: Формулирањето на уставните амандмани ќе покаже дека нема ништо контроверзно во процесот


Скринингот со ЕК се одвива на задоволително ниво.


Нема отстапување од тоа што е зацртано во преговарачката рамка, односно со комплетирање на уставните измени да се почне отворањето на првото поглавје, вели шефот на димпломатијaта Бујар Османи.


Тој од Њујорк, каде треба да се обрати пред Советот за безбедност на ОН и да ги презентира приоритетите на нашето претседавање со ОБСЕ, одржа брифинг преку видео врска, при тоа нагласи дека неделава имал сериозни разговори во Брисел од техничко ниво по однос на тоа кои се следните чекори, внатрешните динамики овде по однос на нашите обврски коишто ги имаме по однос на процесот.

– Сценариото е утврдено согласно преговарачката рамка, меѓутоа ѓаволот е во деталите.


Сакам да се имаат предвид однапред размислувањата на сите земји членки, на Бугарија, динамиката на уставните измени за да ги имаме сите можни комбинаторики предвид, нема отстапување од тоа што е зацртано во преговарачката рамка, односно со комплетирање на уставните измени да се почне отворањето на првото поглавје, рече министерот Османи.

Тој нагласи дека од експертски, технички аспект, скринингот оди на задоволително ниво, нашите луѓе се на висина на задачата, задоволни се и европските претставници по однос на тоа што е направено и се чекаат извештаите од првите поглавја каде што е завршен билатералниот скрининг, да почнат да се работат, за да можеме потоа да бидеме спремни за отворање на поглавјето.


На новинарско прашање дали има разговори со пратеници, која е динамиката за уставните измени и кога очекува да почне собраниската процедура, Османи посочи дека веќе започна да работи работната група на формулирање на уставните амандмани и очекува тоа да оди лесно затоа што, вели, дефинирано е во протоколот, точно како и каде е таа интервенција што треба да се направи.

– Во моментот откако ќе бидат формулирани амандманите мислам дека веднаш треба да почне јавната дебата.


Владата да ги усвои, јавноста да дебатира, новинарите, експертите по однос на тие формулации бидејќи ние досега повеќе дебатираме за некакви претпоставки и конспирации, отколку за вистинските формулации, односно за текстот што треба да биде внесен во Уставот.

Штом се вратиме од Вашингтон мислам дека комисијата веќе ќе излезе со одредени формулации и тука формално почнува јавната дебата по конкретните амандмани на Уставот, нагласува ОсманиСпоред него, тоа ќе биде и најсуштинскиот дел од дебатата бидејќи граѓаните ќе сфатат кога ќе ги прочитаат амандманите дека сето друго претходно што било кажано било дел од една партиско-политичка пропаганда, обид да се внесе страв кај граѓаните, да се поларизира општеството, да се ловат политички поени на тој страв.

Прашан дали во предвидениот рок до ноември ќе биде завршен процесот на уставни амандмани со оглед на противењето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која е против измени на Уставот, Османи рече дека е во тек со нејзината работа, преку претставникот на МНР во работната група, чие присуство таму е токму да го пренесе протоколот бидејќи во него точно е дефинирано што треба да содржат уставните измени и очекува само тоа да се преведе во конкретна формулација.

– Јас мислам дека најсуштинскиот дел во однос на овој процес ќе биде изложување на вистината пред граѓаните.

Вистината ќе биде изложена кога граѓаните ќе ги прочитаат формулациите и тогаш сите кули од пропагандни карти ќе се срушат и ќе се соголи процесот пред граѓаните и тие ќе видат дека нема ништо контроверзно во тој процес.

Мислам дека тоа ќе биде пресвртниот момент во целиот јавен дискурс, којшто потоа ќе наметне нова динамика и во политиката, и кај пратениците и кај политичките партии.

Затоа инсистирам да се заврши оваа дебата врз основа на духови, на непостоечки формулации, врз основа на конспирации, стравови, наметнати пропагандни лажни вести од разни центри коишто имаат за цел да ги исплашат граѓаните и да ги поларизираат.

Дајте да ја расчистиме/разголиме таа конструирана пропаганда околу уставните измени, да ги покажеме формулациите.

Кога граѓаните ќе ги видат формулациите очекувам дека поинаку ќе се разговара за овој процес, а потоа доколку опозицијата повторно гледа само партиска калкулација на сметка на иднината на државата, на граѓаните, само интересот за столчиња во Владата, тогаш тие ќе треба да дадат некои одговори на граѓаните, наведе Османи.

Во однос на разговорите со пратениците, шефот на дипломатијата вели дека дебатата меѓу нив засега се одвива на неформално ниво, а формално ќе започне по објавувањето на формулираните амандмани, по што вели, ако треба ќе се седне и индивидуално со секој од нив да се разговара и со политичките партии посебно за да посочат што е проблемот во конкретните формулации.

– Јас очекувам во медиумите, во Собранието, во Владата, од цивилното општество дека ќе организира настани на коишто ќе се дебатира „за“ и „против“ тие амандмани, во таа општа дебата секој да збори со секого и не гледам ништо спорно во тоа и пратениците да бидат дел од таа дебата да ги кажат своите ставови.

Сепак, пратениците не треба да бидат на пишани говори од партијата, секој си има свој став, ако е „против“ треба да каже зошто е „против“, што мисли дека е алтернатива.

Јас очекувам таква дебата и таква дебата ни е многу важна во којашто сите ќе се вклучиме во општеството да ги кажеме ставовите и на крај ќе ги сумираме впечатоците, потенцира министерот Османи.

Инаку, онлајн брифингот како што рече, го организира поради физичката неможност да биде постојано во Скопје и агендата на МНР која е, вели, во невидени размери поради обврските со претседавањето со ОБСЕ, со А5 Јадранската повелба и со процесот за соработка со ЈИЕ кое почнува од јуни.

Тој на прашање од новинарите рече дека ваквата интензивна агенда тој паралелно ги води и двете траектории – ЕУ и ОБСЕ.

– На ниту еден начин нема ангажманот со ОБСЕ да го намали ангажманот по однос на домашните процеси, туку напротив ќе обезбеди една платформа за состаноци и со луѓе коишто не би можеле да ги сретнеме доколку ја немавме платформата ОБСЕ.

Така што, ОБСЕ е само додадена вредност за да можеме да ги водиме и разговорите коишто се однесуваат на внатрешните динамики, рече Османи.

Тој го најави и првиот јубилеј – пет години од Преспанскиот договор, којшто ќе биде одбележан со нов Преспа форум на дијалог на 15 и 16 јуни. вг/са/ Извор: МИА.