Breaking News

Организирана миграција на гласачи решително влијаела на резултатите од изборите во Белград, тврди невладината набљудувачка мисија Црта


Набљудувачката мисија на српската невладина Црта денеска изрази основано сомневање дека на изборите на 17 декември имало организирана миграција на гласачи од размери што „решително влијаеше на исходот на многу блиските избори за Собранието на Белград“.


Програмскиот директор на Црта, Раша Недељков, изјави дека транспортот на гласачи од внатрешноста на Србија, од места каде што не се одржаа локални избори, е многу поголем од транспортот на гласачи донесени од Босна и Херцеговина, јави Бета.


Според неговите зборови, миграцијата на гласачите и промената на живеалиштето од општините каде што не се одржуваат локални избори, се одвивала организирано.

„Организираната миграција на гласачите не е ниту легална ниту легитимна. Пријавувањето лажни живеалишта со цел да се оствари правото на глас во друг град или општина е спротивно на законот.


Организираната миграција на гласачите ја поткопува изборната еднаквост и значително го нарушува загарантираното право на локална самоуправа“, изјави Недељков.

Тој додаде дека Црта ги собрала сите јавно достапни имиња на граѓани по избирачки места и направила анализа помеѓу изборите од 2022 до 2023 година.


„Утврдивме дека миграцијата на гласачите е насочена пред се од доселувањето на гласачите во Белград, пред се во 10 од 17 белградски општини“, рече Недељков.

На 71 избирачко место, односно на 14 отсто од избирачките места во Белград, набљудувачите на Црта регистррирале примери на организирано носење гласачи, надгледувано гласање, можна манипулација со идентитетот на гласачи.


Тие истакнаа дека организирано пристигнале гласачи од различни делови на Србија (Панчево, Ваљево, Чачак, Аранѓеловац, Смедерево, Вршац, Нови Сад итн.

), како и од Косово, Босна и Херцеговина и Хрватска.

„Ова го засилува сомнежот дека локални избори стратешки се распишани само во третина од единиците на локалната самоуправа за да се овозможи привремено преместување на гласачите“, велат од Црта. зш/ .

Извор: МИА