Breaking News

Oпштина Велес ги награди најуспешните во 2023


Митко Стоиловски e најдобар пожарникар во Велес за 2023, Зоран Блажевски е најдобар полицаец, а за хуманист на годината Општина Велес го прогласи Тоше Петрушев.


Ермин Јаворовац е најдобар комунален работник. Наградите беа врачени денеска во Општина Велес.  Стоиловски е пожарникар спасител во Територијалната противпожарна единица Велес.


Над три децении професионално и посветено учествува во сите активности и акции што се организираат за безбедност на граѓаните.

Полицискиот службеник Зоран Блажевски е вработен во БПС Велес од 2016 година.


Блажевски е самостоен полицаец за криминалистичко-технички работи и е еден од најпрофесионалните и најодговорните во извршување на задачите во службата.

Хуманистот на годината Тоше Петрушев цели 44 години непрекинато и несебично дарува крв. Годинава по 117-ти пат се впиша во книгата на крводарители.


Најдобриот комунален работник во Велес за 2023 година Ермин Јаворовац е вработен во Јавното комунално претпријатие „Дервен“.

Јаворовец се истакнува со својата професионалност, посветеност и волја да се справи со секоја доверена задача, секогаш во интерес на граѓанитеГрадоначалникот на Велес Марко Колев им посака добро здравје и успеси во Новата 2024 година.


-Во 2024 година ќе продолжиме со исто темпо на работа и развој и очекувам со сите локални и државни институции да продолжи соработката во интерес на граѓаните.

Ви посакувам добро здравје, среќа и многу успеси во Новата година, истакна Колев.

На денешната свеченост, Општина Велес им ги додели стипендии на најталентираните ученици и студенти за учебната 2023/2024 година. Стипендии добија 27 средношколци и 9 студенти.

 И годинава донатори на стипендии се Агриа, агроиндустриска групација Велес и Жито Маркети Велес. Стипендии за талентирани средношколци обезбеди и  Општина Велес.

Оваа 2023 година  е успешна приказна на Средното општинско училиште „Гимназија Кочо Рацин“, а   Општина Велес им  додели благодарница за постигнатите резултати на државно и меѓународно ниво.

Благодарница доби и тимот од секторот „Паркови и зеленило на ЈКП Дервен“ за визуелното разубавување и збогатување на градот.

Општина Велес ги додели и јубилејните награди на свои вработени за 10 и 15 години континуирано работење во локалната самоуправа.

Свеченоста ја збогати настапот на  македонските музички амбасадори, Детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“ под диригентската палка на професорката  Веселинка Маџарова. ад/мд/   .

Извор: МИА