Општина Куманово и „Хабитат“ потпишаа Меморандум за соработка


Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски и заменик-директорот на програмата „Хабитат Македонија“ Лилјана Алчева денеска потпишаа Меморандум за соработка.


Со потпишувањето на Меморандумот ќе почнат активности на терен, изработка на детален урбанистички план за месноста „Османов рид“, локација која се наоѓа спроти Спомен-костурницата во Куманово.


– Меморандумот дополнително ја зацврстува нашата соработка со еминентната невладина организација.

Ќе биде изработен детален урбанистички план за оваа локација, каде има изградено доста градби, но и има и слободни парцели.


Овој дел од градот не е урбанистички решен со детален урбанистички план, мене ми е мило што „Хабитат“ ќе финансира детален урбанистички план за оваа локација, изјави Димитриевски.

Алчева истакна дека Меморандумот се спроведува во рамки на проектот „Домот е еднаквост“. Освен изработка на ДУП-от, предвидени се и други активности, дел од големата петгодишна меѓународна кампања.


– Ќе работиме и на подигање на свеста на локалните власти за носење политки кои се однесуваат на подобрување на услови за живот во населени места за домување, особено за лицата кои живеат во несоодветни услови, изјави Алчева.

Куманово и „Хабитат“ соработуваа и во минатото на уредување на неколку станбени згради за подобрување на нивната енергетска ефикасност, заштеда на енергија.


Од Општината покажаа интерес за продолжување на овој проект, кој ги таргетира зградите од централното градско подрачје изградени пред повеќе децении.

Димитриевски најави субвенционирање на дел од средствата и за самите станари. ам/мд/Фото: МИА .

Извор: МИА