Breaking News

ООУ „Партенија Зографски” во Кисела Вода доби повеќенаменско игралиште


Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, заедно со сопственичката на модната компанија „Елена Лука”, денеска ја пресекоја лентата и со тоа го ставија во функција обновеното повеќенаменското и кошаркарското игралиште во ООУ „Партенија Зографски” во Кисела Вода.


На игралиштето, кое се протега на површина од 935 метри квадратни, поставена е висококвалитетна вештачка трева, извршена е замена на оштетените заштитни мрежи зад головите, а обновени се и клупите на трибините кои беа видно оштетени.


 – Денес ги ставaме во функција повеќенаменското и кошаркарското игралиште во ООУ „Партенија Зографски” на чија реконструкција интензивно се работеше во изминатиот период.

Се работи за темелна обнова која вклучи промена на подлогите и нивна замена со асфалт кај кошаркарското и квалитетна вештачка трева кај повеќенаменското игралиште.


Двете добија нова ограда, извршена е замена и на заштитните мрежи зад головите, како и на клупите на трибините, истакна Ѓорѓиевски.

Тој потенцираше дека овој проект има особено значење, бидејќи се фокусира на развојот на нивите физички и спортски можности, едновремено нудејќи им забава и рекреација на учениците.


 – Обновата на спортската инфраструктура во училиштата, што е еден од највисоките приоритети на Општина Кисела Вода, претставува инвестиција во здрави и активни генерации кои се темелот на нашата иднина.

Оттука, ова е само еден од повеќето проекти од ваков карактер на кои интензивно работиме целиот изминат период и кои со голема динамика ќе продолжиме да ги реализираме во иднина.


Ќе го споменам ООУ „Круме Кепески”, каде неодамна изградивме фудбалско и детско игралиште, новиот спортско-рекреативен цeнтар на местото од депонијата кај „Оксиген”, изградбата на модерен спортски центар на местото од поранешното спортско игралиште „Славија” и во Теферич кои за многу кусо време ќе ги отвориме, а секако тука се и новото фудбалско и кошаркарско игралиште и детско катче со модерни реквизити во Потстаница, како и реконструкцијата на детското катче со нови реквизити и новоизграден терен за мал фудбал и за кошарка во населбата Драчево, изјави градоначалникот.

На настанот Ѓорѓиевски упати благодарност до компанијата „Елена Лука”, која, како што рече, покажувајќи висок степен на општествена одговорност помогна во реализацијата на овој проект кој овозможува развој и поддршка на младите луѓе.

Од Општина Кисела Вода додаваат дека во ООУ „Партенија Зографски”, каде настава следат 525 ученици, во текот на летниот период беа реновирани и три училници кои претходно беа во исклучително лоша состојба.

сан/са/ Фото: Општина Кисела Вода .

Извор: МИА