Breaking News

Одржан последниот од серијата настани „Дијалози за работата на полицијата во заедницата“


Во Скопје денеска се одржа последната од серијата дискусии на тема „Дијалози за работата на полицијата во заедницата“, која според организаторите, резултирала со предлагање практични решенија и препораки, но и со подигнување на свеста околу потребите и предизвиците на демократското полициско работење.


Како што информираат организаторите од Евротинк-Центар за европски стратегии, тематските дискусии се одвиваа во текот на февруари и март оваа година во секој од осумте плански региони во државата – Куманово, Велес, Гостивар, Битола, Охрид, Штип, Струмица и Скопје, и се насочени кон разгледување на предизвиците поврзани со транспарентноста, отчетноста и видливоста на полицијата во локалните заедници.


 Крајната цел е да се одговори на потребата од зголемен дијалог и комуникација кои би придонеле кон подобрени јавни политики во работа на полицијата, а во соработка со граѓаните.

На дискусиите учествуваа локалните засегнати страни, преку комуникација со различни цивилни локални и национални актери, но и полициски структури.


Од Евротинк потенцираат дека тематските дискусии имаа за цел да ги разгледаат поголемите предизвици со транспарентноста и отчетноста на полицијата во локалните заедници.

Оваа активност се одржа во рамки на проектот „Подобрување на транспарентноста и отчетноста на полицијата во Република Северна Македонија“ за чие спроведување Евротинк потпиша Меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи.


Активноста е поддржана од Националниот фонд за демократија на Соединетите Американски Држави (National Endownment for Democracy – NED). бт/ев/Фото: Евротинк .

Извор: МИА