Breaking News

Одложена седницата на собраниската Комисија за европски прашања, ВМРО-ДПМНЕ побараа одржување јавна расправа за четирите од пакетот закони на МИОА 


Седницата на собраниската Комисија за европски прашања, на чиј дневен ред се четирите од пакетот закони подготвени од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), е презакажана за во 14 часот.


На дневен ред на оваа седница на Комисијата се Предлог на законот за административни службеници, Предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, Предлог на законот за вработените во јавниот сектор и Предлог на законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација, сите по скратена постапка.


Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ преку прес-конференција побараа итен прекин на оваа расправа и донесување на заклучок за одржување на јавна расправа во најбрз можен рок, на која, како што посочија, би биле присутни пратеници од опозицијата, претставници од синдикатите, професори, стручната фела и јавноста.

-Ова се важни закони за кои мора да има консензус и мора да се слушнат различни мислења и предлози.


За таа цел, апелираме до власта да преовладее разумот и да ги прифати нашите барања и барањата на синдикатите бидејќи тоа е единствениот начин со кој ќе дојдеме до законски решенија кои нема да бидат штетни и ќе бидат во интерес на граѓаните.

Во спротивно, доколку власта продолжи да ги игнорира овие барања, ќе сметаме дека на крајот од својот мандат, власта свесно сака да создаде дополнителен хаос и безредие во администрацијата и државната управа, како и да ја озакони својата намера за допартизација на и онака веќе партизираната администрација, истакна на прес-конференција пратеникот на ПГ на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.


Според Стојаноски, овие закони власта и владејачко мнозинство сака да ги протне набрзина, без широка и јавна дебата и дискусија, притоа, како што потенцира, вршејќи груба злоупотреба на европско знаменце иако навистина нема никаква потреба за истото.

-Пред малку, токму за оваа злоупотреба и нетранспарентност на власта, преку свои соопштенија и писма реагираа и најголемите синдикати во државата, ССМ, УПОЗ и КСС каде јасно го искажаа својот револт и незадоволство преку конкретни забелешки, но и упатија барање за итно стопирање на целата постапка и одржување на јавна расправа за овие закони.


Ова е огромна реформа, ова се важни и крупни закони кои не може и не смее да се носат на овој начин, вака набрзина и нетранспарентно особено во мандат на техничка Влада.

Токму затоа, Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како најголема и најбројна пратеничка група во Собранието, јавно упатува поддршка на синдикатите и се приклучува на нивните барања за итно запирање на целата постапка на носење на овие важни закони, рече Стојаноски.

фф/нд/Фото: МИА архива .

Извор: МИА