Breaking News

Новости во Белгија од 1 јануари: поскапувања, административни обврски и социјални бенефиции 


– Секоја нова година, по правило, носи стапување во сила на нови законски регулативи, промени, обврски. . .


 Така, од 1 јануари 2024, во Белгија поскапуваат цигарите и телекомуникациските и поштенските услуги, стапуваат во сила нови одредби поврзани со боледувањата, ќе бидат делени „бонови за храна“ на административците, се проширува обврската за задолжително поседување на енергетски сертификати, ќе се дигитализира судската документација.


. .

 Зајакнување на мерките против пушењето   Продажбата на цигари и тутун на малолетници е забраната во Белгија, но статистиката покажува дека и покрај ова многу млади во земјата се зависници од цигари, пред се електронски.


 Од тие причини, како што објави белгиската национална телевизија ВРТ, која емитува програма на фламански јазик, министерот за здравство и социјална политика на Белгија, Франк Ванденбрук најави план за создавање „генерација без тутун“.

 Во рамки на планот, од 1 јануари 2024 година во сила стапуваат повеќе мерки чија цел е да се „обесхрабрат пушачите“ и да се натераат да се откажат од пушењето.


 Една од мерките е зголемување на акцизата на течноста што се користи во електронските цигари за 15 евро центи за милилитар.

Оваа мерка, според весникот „Њузблат“ ќе резултира со „значително зголемување“ на цената електронските цигари.


 Дополнително, се зголемува и акцизата на производите од тутун, што ќе резултира со поскапување на кутија цигари во просек за по околу две евра.

 Во рамки на борбата против пушењето, Ванденбрук планира да предложи закон со кој од 2025 година би се вовела забрана за продажба на електронските цигари за еднократна употреба.

 Од 2025 година ќе биде забрането и јавно изложување на цигари и тутун во продавниците, а ќе се намали и бројот на места каде што ќе биде дозволено пушењето.

Право на користење боледување за време на одмор Европскиот суд на правдата во 2012 година пресуди дека работник кој ќе се разболи за време на одмор или користење на слободни денови, има право да земе боледување и да го одложи користењето на слободните или деновите од одморот.

 Белгија досега не ја спроведе во пракса оваа судска одлука, поради што се случуваше работници деновите за одмор да ги „потрошат“ на лекување.

 Сепак, како што објави весникот „Соар“, по долги преговори социјалните партнери на крајот на 2022 година постигнаа договор за надминување на овој проблем, по што на предлог на белгискиот министер за економија и вработување Пјер-Ив Дермањ беа усвоени измени на постојниот закон.

 Со измените, што стапуваат во сила од 1 јануари 2024 година, работниците кои ќе се разболат или повредат додека се на одмор ќе можат да земат боледување, а преостанатите денови од одморот ќе може да ги искористат подоцна, со што тие нема да им пропаднат.

 Работникот кој ќе се разболи или здобие со повреди додека користи слободни или денови од одмор, согласно измените, мора веднаш да го извести работодавецот за тоа, да му достави лекарско уверени и да го информира за местото на кое престојува доколку не се наоѓа во својот дом.

 Оваа одредба, сепак, не важи доколку болеста или повредата се случат за време на празници.

 Раст на цените на дел од телекомуникациските услуги во франкофонскиот дел на Белгија Од 1 јануари 2024 година ќе бидат зголемени цените на дел од телекомуникациските услуги на компанијата „Ву“, која е водечки оператор во белгискиот франкофонски регион Валонија и во делови од реонот на Брисел.

 Според весникот „Ехо“ предвидено е поскапување на услугите за дигиталната телевизија, фиксната телефонија и супербрзиот интернет.

 Портпаролката на „Ву“, Мари-Пјер Динсарт во изјава за весникот посочи дека ваквото поскапување е резултат на „значителните инвестиции“ што ги направила компанијата во нејзината мрежа, со цел да им обезбеди подобри услуги на своите корисници.

 Инаку, сопственик на 75 проценти од акциите на „Ву“ е белгиската подружница на францускиот телеком „Оранж“, „Оранж Белжик“.

 Ваучери за оброк Од првиот ден во 2024 година вработените во федералната јавна администрација на Белгија ќе имаат право на користење на електронски ваучер за оброк, чија номинална вредност е утврдена на 6 евра на ден.

 Како резултат на воведувањето на овие ваучери се преземаат други мерки за штедење, кои вклучуваат укинување на фиксниот додаток за трошоци за живот и рационализација на мензите во компаниите.

 Во јуни 2022 година белгиската Влада и синдикатите склучија преддоговор за зголемување на платите на јавната администрација и за воведување на ваучерите од крајот на годината.

Сепак при изработката на Буџетот за 2023 година, Владата одлучи да го одложи воведувањето на „боновите за храна“ за од претстојнава пролет, што предизвика реакции на синдикатите.

На крајот, беше постигнат компромис, мерката да стапи во сила на 1 јануари 2024 година.

 Со воведувањето на ваучерите за оброк секој белгиски федерален државен службеник ќе добива дополнително по околу 1. 000 евра годишно.

 Енергетски сертификати во Фландрија Обврската за поседување сертификат за енергетските карактеристики на становите во холандофонскиот белгиски регион Фландрија од 1 јануари 2024 година ќе важи и за станбените згради со помалку од четири стана.

 Дополнително, од овој датум, секоја станбена зграда ќе мора да поседува и сертификат за енергетските карактеристики на заедничките простории на објектот.

 Според портпаролката на Фламанската агенција за енергија и клима (ВЕКА), Лоте Рингут во регионот досега се издадени само околу 40 енергетски сертификати за заеднички простории, иако нивната проценка е дека ваквата обврска треба да важи за околу 120.

000 станбени згради.

 Поседувањето на овој сертификат за заедничките простории може да резултира со зголемување на оценката за енергетската ефикасноста на становите во зградата, што би влијаело на раст на нивната вредност.

 За неспроведување на оваа обврска се предвидени парични казни за сопствениците на заградите во износ од 500 до 5. 000 евра, во зависност од бројот на станови во објектот.

Плаќањето на казната не ги ослободува сопствениците од обврската да поседуваат соодветен сертификат за енергетските карактеристики.

 Раст на цените на поштенските услуги Со цел делумно да го компензира зголемувањето на трошоците поврзани со инфлацијата и намалениот на обем на услуги, белгиската пошта „Бпост“, чиј мнозински сопственик е државата Белгија, ги зголемува цените за испраќање на писма и пратки.

  Согласно новиот ценовник на „Бпост“, за поштенските услуги за испраќање на писма и пратки во периодот од „Црниот петок“ (24 ноември) до Божиќ (25 декември) ќе се плаќа дополнителен надоместок од по едно евро.

 Компанија ја оправдува оваа мерка со ставот дека се обидува да ги компензира зголемените трошоци во овој „традиционално многу активен период“ во нејзиното работење, но и со надеж дека на овој начин ќе ги поттикне граѓаните да ги користат нивните услуги пред и по неделите од крајот на годината.

 Дополнително, од 1 јануари 2024 година „обичната“ поштенска марка поскапува од 1,39 на 1,46 евра, додека цената на марките за „препорачани“ писма се зголемува од 2,17 на 2,27 евра.

Раст на цените има и за испраќањето на пакети и пратки.

 Од „Бпост“ најавуваат дека ако во текот на 2024 година стапката на инфлација „се зголеми повеќе од очекуваното“, можно е поскапување на нивните услуги за дополнителни три проценти.

 Дигитализација на судските архиви Согласно новиот белгиски Закон за дигитализација на хартиената судска евиденција, со стартот на новата година стапува во сила обврската за евидентирање на документацијата на судовите во дигитална форма.

 Според поранешниот белгиски министер за правда и за Северното Море, Винсент Ван Квикенборн, со оваа мерка хартиените судски архиви постепено ќе стануваат минато.

 Законот не ги обврзува судовите да ги дигитализираат постојните архиви, туку обврската ќе важи само за новите судиски документи и записи.

 Дигитализацијата на белгиските судски архиви е финансирана со средства од Фондот за зајакнување на ЕУ, од кој на Белгија за реформа на правосудниот систем и беа доделени 137 милиони евра.

 Инаку, Винсент Ван Квикенборн поднесе оставка на министерската функција по терористичкиот напад во Брисел на 16 октомври, при кој илегален мигрант од Тунис, кој не бил екстрадиран од земјата и покрај правосилното решение, уби двајца шведски навивачи пред почетокот на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Белгија и Шведска.

сп/Фото: МИА Архива .

Извор: МИА