Новоименуваната претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија Лесли Милер, му ги предаде акредитивните писма на министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, соопштија од Канцеларијата на УНЦХР во Скопје.
Министерот Муцунски изразил благодарност за 30-годишното партнерство меѓу Владата и УНИЦЕФ во земјава и истакнал дека истакна дека промената во општеството мора да започне од децата и нагласи дека продолжувањето на оваа соработка е важно за унапредување на детските права.
-Милер упати пофалба до министерот за достигнувањата на земјата во областа на децата, забележувајќи дека откако е ратификувана Конвенцијата за правата на детето пред 30 години, законодавно-политичките рамки се подобрени, а вака зајакнатите системи придонесуваат за подобрување на правата и благосостојбата на децата, се вели во соопштението од УНИЦЕФ.
Уважувајќи ги аспирациите на земјата за поодржлив социо-економски развој и подобра благосостојба на сите нејзини граѓани, претставничката на УНИЦЕФ се обврзала дека ќе продолжи да соработува со Владата за да се одговори на потребите и да се заштитат правата на децата и нивните семејства.
Оваа соработка, според неа, значи продолжена поддршка на важни реформи во здравството, образованието, детската и социјалната заштита, правдата и животната средина, како и решавање на новите предизвици за децата.
Таа додала дека новата програма за земјата (2026-2030) ќе биде единствена можност да се обноват заедничките заложби за сите деца во земјата – особено за најранливите девојчиња и момчиња – да напредуваат, да учат, да бидат заштитени и вклучени.
Пред да стапи на должност во Северна Македонија, Лесли Милер била заменик-претставник на УНИЦЕФ во Виетнам.
Таа има повеќе од 30 години искуство во УНИЦЕФ на повеќе лидерски, партнерски и програмски позиции.
Покрај службата во Виетнам, работела и во Србија и Камбоџа, во Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија со седиште во Женева и во седиштето на УНИЦЕФ во Њујорк.
сст/црФото: Канцеларија на УНЦХР во Скопје .
Извор: МИА