Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска уште еднаш повтори дека нема никаква врска со вработувањата на неговите чичко и внук во М-НАВ.
Тој изрази жалење што медиумите, како што рече, наместо да се интересираат за темите од земјоделството кое е основа на македонската економија, се обидуваат директно да шират лаги и невистини.
Одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Договорот со шпанската фирма „Глобалтек“ за поставување фотоволтаици на вода, Николовски напомена дека државава треба да ги отвори вратите за младите стручни кадри, а не да им испраќа порака дека не се добредојдени тука.
Според него, некому веројатно му смета Македонците успешни надвор од државата, да се вратат тука. -Не коментирам дали нечија фирма е семејна, ваква или онаква. Тоа не е моја работа.
Моја работа е да работам чесно, стручно, искрено, отчетно и професионално.
Платен сум да се грижам за македонското земјоделство, да работам во интерес на земјоделците и медиумите треба да обрнат поголемо внимание на тоа.
Уште еднаш ќе повторам, чичко ми е вработен во М-НАВ уште пред да се родам, а внукот е школуван 20 години надвор од државата, во Јапонија, Кина и Словенија.
Знате за каков кадар станува збор? За највисокот стручен кадар.
Чичко ми работел во М-НАВ уште пред 40 – 50 години, зарем мислите дека некој што не е роден може да влијае на некој што стручно се усовршувал и се вработил пред 1983 година? И тоа ви е најбитната тема? Зошто не бевте на брифингот кога го заокружувавме сработеното во земјдоелството за 2023 година? Не е убаво да праќате порака дека квалитетот не треба да се цени.
Треба да ги отвориме вратите, секој да има еднакви шанси, а јас не сум влијаел. Имаше и постапка во ДКСК која е комплетно затворена.
Вие може да проверите низ сите инстиуции каква била постаpката и дали станува збор за некој што не е квалификуван или школуван и дали доаѓа во областа што треба, истакна Николовски.
Според него, земјава треба да има професионална администрација и да му обезбеди шанса на секого.
-Од што се незадоволни младите? Од тоа што немаат шанса, а јас имам докажано дека вработените во мојот Кабинет како вицепремиер за борба проитв корупција ниту ги имам бирано, ниту имам влијаено, туку ги запознав дента кога завршија сите постапки и со тоа дадовме пример дека може да се стави крај на непотизам, партиски влијанија и партизација.
И во МЗШВ ја отворивме вратата за студенти, за 50 млади за кои немам никакво влијание, ниту знам кои се и како се.
Важно е дека се стручни и професионални, одработија најдобро и на новиот модел и на новата реформа.
За разлика до овој наратив, се борам секој млад човек да остане тука, а не да го демотивираме и да пратиме порака: „тука не бива – бегајте“.
Жалам што наместо да се интересирате за темите од делот на земјоделството, се обидувате директно да ширите невистини и лаги.
Имавме брифинг за новинарите и жалам што во годината на над 100 проекти тие не се промовираа, напомена министерот. мч/aa/фото: принт скрин .
Извор: МИА