Breaking News

Николоски во Вашингтон: Се идентификуваат приоритетите во новата четиригодишна Рамка за партнерство


Заменик-министерот за финансии Филип Николоски во седиштето на Светска банка во Вашингтон остварил средби со извршниот директор на СБ, Кун Давидсe и директорот за човечки развој Мајкл Рутковски.


Средбата, соопштија од Министерството за финансии, е во функција на подготовка на новата Рамка за партнерство на земјата со Светска бака за периодот 2024-2028 година.


Заменик-министерот изразил благодарност до оваа меѓународна финансиска институција за подготовката на Системската дијагностика на земјата, којашто претставува аналитички извештај кој претходи на Рамката за партнерство.

– Внимателното идентификување на приоритетите е најзначајно за успешна реализација на новата програма и постигнување на поставените цели.


Приоритетите коишто ќе бидат вградени во новата Рамка за партнерство треба да произлезат од она што е дефинирано како приоритет на Владата во националните стратешки документи и во Програмата за економски раст, во која се вклучени  клучните реформи заеднички усвоени со Европската Унија, а кои значат и побрзо приближување на земјата кон ЕУ, истакнал Николоски.

 На средбата станало збор и за тековното портфолио на проекти што се спроведуваат во земјата со поддршка на Светска банка, а во чии рамки се имплементираат девет проекти со заеми од околу 400 милиони американски долари.


Николоски се осврнал и на активностите што Владата ги презема за усвојување на Стратегијата за човечки капитал, како стратешки документ со цел да се постигне побрз, инклузивен и одржлив раст и да се обезбеди на граѓаните подобри услови и подобар стандард за живот.

 Николоски, во Вашингтон, остварил средби и во седиштето на Меѓународниот монетарен фонд со алтернативниот извршен директор  Лук Дресе и со шефот на Мисијата на ММФ  Жак Миниан.


 На средбата е разговарано за економските состојби и политики во земјава при што Николоски ја потенцирал заложбата на Владата за обезбедување долгорочна фискална одржливост.

бак/Фото: Министерство за финансии .

Извор: МИА