Breaking News

Неформален Самит на ЕУ во Гранада: На дневен ред стратешката агенда за иднината и проширувањето на Унијата  


– Стратешката агенда за курсот на ЕУ и нејзините насока и цели за следните годините и иднината на проширената Европска Унија, од аспект на последиците што тоа проширување може да ги има за самиот блок и за земјите кандидати за членство, ќе бидат клучните теми на денешниот неформален Самит на Унијата во шпанскиот град Гранада, во организација на премиерот на Шпанија, Педро Санчез.


  Како што најави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во поканата до лидерите на земјите членки на ЕУ за учество на Самитот, очекува на собирот да се води конструктивен дијалог за најважните прашања со кои моментно се соочува Унијата, но во исто време состанокот „ќе го означи почетокот на важниот процес на размислување за идните приоритети на нашата Унија“.


 – Почнувајќи од Гранада, нашите дискусии ќе ни овозможат колективно да го зацртаме курсот на Унијата, дефинирајќи ги нејзините насока и цели за годините што доаѓаат.

Резултатот од нашиот процес на размислување во следните неколку месеци ќе ја обликува стратешката агенда 2024-2029 година, наведе Мишел во поканата за учество на средбата на шефовите на држави или влади на ЕУ.


 Тој натаму посочи дека по стартот на руската агресија врз Украина пред повеќе од 18 месеци, лидерите на ЕУ на состанокот во Версај се согласија да обезбедат „непоколеблива поддршка“ за Киев и поставија нов стратешки курс за зацврстување на суверенитетот на ЕУ, обврзувајќи се заеднички да ги зајакнат одбранбените капацитети, да ја намалат енергетската зависност од Русија и да изградат поцврста економска база на Унијата.

 Според него, на собирот во Гранада ќе треба да се направи пресек на напорите за зајакнување на европски суверенитет, но и да се идентификуваат идните предизвици со кои ќе треба да се соочи ЕУ и да се дефинира стратегија за осигурување на отпорноста и конкурентноста на Унијата во услови на променливо геополитичко опкружување.


 – Од витално значење е да ја разгледаме идната динамика на нашата Унија, нашите политики и донесувањето одлуки, меѓу другото, за да обезбедиме континуиран успех на ЕУ.

Особено ќе се осврнеме на критичните прашања, како што се: Што правиме заедно? Како одлучуваме? Како да ги усогласиме нашите средства со нашите амбиции?, потенцира Мишел.


 Во таквото „променливо геополитичко опкружување“, како први геостратешки приоритети се поставуваат подобрувањето на ЕУ и нејзиното проширување со земјите од Западниот Балкан, но и со Украина, Молдавија и Грузија.

 Покрај овие теми, пред лидерите за дискусија ќе се најдат и документот „Одржлива ЕУ 2030“ како дел од Отворената стратешка автономија на Унијата, потоа Пактот на ЕУ за миграција, како и состојбата во Украина.

 Според најавите, во текстот на декларацијата што би требало да биде усвоена на Самитот, лидерите ќе ја нагласат својата посветеност на зајакнување на „европскиот суверенитет, како геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот на нашиот континент“, дека ЕУ „мора да ги постави потребните внатрешни основи“ за да биде подготвена за „идните рунди на проширување“, како и дека земјите кандидати за членство „мора да ги засилат своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото“.

 Од тој аспект во пресрет на Самитот беа објавени француско-германскиот експертски извештај насловен „Пловење по отворено море: Реформирање и проширување на ЕУ за 21.

век“, како и австрискиот нон-пејпер со кој се изразува поддршка на проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан, предлагајќи нивна „постепената интеграција“ во Унијата уште пред целосното зачленување.

 Француско-германскиот документ предлага пред следното проширување на ЕУ промена на начинот на носење одлуки за што е можно повеќе области од консензуално во одлучување со квалификувано мнозинство, но и спроведување бројни реформи на повеќе нивоа, вклучително и во зајакнување на владеењето на правото, со цел блокот да биде подготвен да прими нови членки до 2030 година.

 „Работната група за институционални реформи на ЕУ“ составена од 12 експерти формирана од владите на Франција и Германија, во извештајот предлага дека доколку не е можен консензус за неопходните промени за идното функционирање на Унијата, тогаш би можело да се премине на диференцијација во рамките на блокот на четири нивоа на интеграција – прво, внатрешен круг на земји со посилна интеграција во области како што се заедничката валута (Еврозоната) и подрачје без гранична контрола (Шенген зоната), второ, самата ЕУ, трето ниво, поголем круг со придружни членки, во чии рамки би бил можен пристап до единствениот пазар и почитување на заедничките принципи, и како четврто ниво, Европската политичка заедница (ЕПЗ), како надворешен круг за политичка соработка, при што вклучените земјите на мора да бидат обврзани на почитување на правото на Унијата.

 Ваквата идеја за „Европа со повеќе брзини“ не е нова и се споменуваше и во некои од претходните идеи за реформи на ЕУ, но не наиде на поширока поддршка како меѓу членките на Унијата, така и меѓу кандидатите за членство.

 Според извори од Париз и Берлин, целта на овој извештај не е да се отвори нова расправа дали е потребна промена на Договорот за функционирање на ЕУ, туку да се поттикне „реформска дебата од поширок агол за разгледување на алтернативните опции“.

 Австрија, пак, во својот нон-пејпер нагласува дека иако ја препознава важноста да се разговара за реформите во Унијата и за иднината на ЕУ, тоа не треба да се користи како изговор за одложување на процесот на проширување со „нашите партнери од Западниот Балкан, со кои преговараме со години и децении“.

 Според Виена, руската агресија врз Украина го промени политичкиот пејзаж на Европа и ја наметна потребата за побрзо поврзување на земјите од Западниот Балкан и нивните граѓани со ЕУ, па затоа треба да им се овозможи „да ги уживаат придобивките на вклученост во зоната на слободна трговија“.

 На ова се надоврза и заедничка изјава на шефовите на дипломатиите на Словенија, Тања Фајон, на Австрија, Александар Шаленберг и на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кои оценија дека интегрирањето на Западен Балкан треба да биде геостратешки императив и дека сегашната геополитичка ситуација е можност и за ЕУ и за Западниот Балкан да покажат поголема стратешки предвидливост, целосно да го вратат кредибилитетот на проширувањето и да ја зајакнат меѓусебната доверба, од кои некои беа изгубени со текот на годините.

  Покрај овие документи, се појавија и неколку анализи од тинк-тенк групи, како на Меѓународниот центар за одбрана и безбедност (ИЦДС) од Талин и Бриселскиот институт за геополитика (БИГ), во кои се оценува дека во моментов ЕУ не е подготвена за прием на нови членки, ниту институционално, ниту политички и дека се потребни реформи на блокот пред следното проширување.

 Во пресрет на Самитот, Европската комисија усвои документ како нејзини придонес за лидерската дебата во насока кон иднината на отворената стратешка автономија на ЕУ и приоритетните политички цели на Унијата во следните години, со цел да се изгради поотпорна, конкурентна и одржлива заедничка економија, да се заштитат европските граѓаните и да се гарантира нивната благосостојба.

 Во документот, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се посочуваат конкретни области каде што се потребни поголеми напори, како што се градење поиновативен и меѓусебно поврзан единствен пазар, зачувување на внатрешната кохезија, поттикнување сојузи со меѓународните партнери и градење на капацитетите на ЕУ како контрибутор на безбедноста за нејзините и на граѓани на регионот.

 – ЕУ мора да продолжи да работи на отстранување на ризикот и зајакнување на својата економска и индустриска база, истовремено штитејќи ја својата економска безбедност и нејзиниот единствен социјален модел, се наведува во документот.

 Според претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен, Европа реагирала решително на брзото менување на геополитичкото и економското опкружување, а новата реалност бара од неа да го зајакне капацитет за заштита на своите стратешки интереси и да гарантира безбедност за европските граѓани и партнерите.

 – ЕУ останува на курсот и се трансформира во поотпорна, конкурентна и одржлива економија.

Ќе продолжиме да стоиме заедно и дополнително да ги продлабочуваме врските со партнерите и оние кои ги споделуваат нашите грижи и интереси, посочи Фон дер Лајен.

 Во документот се потенцира дека ЕУ презела „храбри чекори“ за да ја развие својата одбранбена димензија и да ги зајакне своите одбранбените способности, а со Стратешкиот компас за безбедност и одбрана, презела акција за зајакнување на своите капацитети за гарантирање на безбедноста.

 – Усвојувањето на третата заедничка декларација со НАТО во јануари 2023 година значително го зајакна стратешкото партнерство ЕУ-НАТО, проширувајќи го на нови области за соработка, како што се новите технологии, заштита на климата, како и Вселената.

Со иницијативи како што е пристапот во три патеки за обезбедување еден милион куршуми за Украина, ЕУ презеде невидени координирани чекори за зголемување на воената помош и поддршка, за заедничките набавки за одбраната и за зголеменото производство на муниција со средства од Буџетот на Унијата, се додава во документот.

 Според ЕК, имплементацијата на Европскиот одбранбен фонд (ЕДФ) ги поттикнува иновациите и кооперативните пристапи во одбранбената индустрија на ЕУ, но потребни се дополнителни напори за зајакнување на воената мобилност низ Унијата, зацврстување на европската одбранбена технолошка и индустриска база и справување со кибер и хибридните закани, па затоа таа ќе презентира Европска одбранбена индустриска стратегија како основа на идната рамка за одбранбена соработка.

 – Руската агресивна војна против Украина, исто така, ја нагласува важноста на проширувањето на ЕУ.

ЕУ продолжува да обезбедува помош за сите земји кандидати на нивниот пат кон полноправно членство и ќе го процени досегашниот напредок во претстојниот годишен пакет за проширување, се додава во документот.

 Комисијата проценува дека со преземените мерки сериозно е ослабнато руското влијание врз економија на ЕУ и врз снабдувањето со енергија, преку намалување на побарувачката на енергенси од Русија, диверзификација на енергетските извори и забрзување на искористеноста на обновливите извори на енергија.

Само, потрошувачката на руски гас во ЕУ во периодот помеѓу август 2022 и јули 2023 година, е намалена за 17 отсто.

 – Ревидираната Директива за обновлива енергија ги наведува земјите членки да воспостават побрзи и поедноставни правила за издавање дозволи, насочени кон зголемување на уделот на обновливите извори во вкупната потрошувачка на енергија во ЕУ на 42,5 отсто до 2030 година.

Благодарение на планот „РЕПауерЕУ“, ЕУ веќе изврши диверзификација на значителен дел од своето снабдување со енергија, намалувајќи го учеството на рускиот гас во вкупниот увоз од 50 отсто во 2021 година, на помалку од 10 проценти во 2023 година.

Уделот на нафтата од Русија во вкупниот увоз е намален од 27 на шест отсто, додека увозот на јаглен сега е сведен на нула, за разлика од уделот од 46 отсто во 2021 година, се наведува во документот.

 Според ЕК, преостанатите „тесни грла“ треба да се решат како приоритетно прашање и тоа преку реформа на пазарот на електрична енергија, со дополнително олеснување на вклучувањето на обновливите енергетски извори, со обезбедување пристап до прифатлива, обновлива и нефосилна електрична енергија, како и со подобрување на енергетските интерконекции на Единствениот европски пазар и со надградба на своите мрежи.

 – Комисијата ја обновува својата заложба за комплетирање на Единствениот пазар, фокусирајќи се на спроведување на постоечките правила и отстранување на бариерите, особено во сферата на услугите.

Таа продолжува да води амбициозна и цврста трговска политика, притоа прилагодувајќи се на зголемената геополитичка нестабилност и фрагментација и на климатската вонредна состојба.

Таа гради отпорност и создава нови можности преку развивање на својата мрежа на трговски договори и со продлабочување на партнерствата преку флексибилни форми на ангажман со трети земји, се посочува во документот.

 Во остварувањето на своите заложби за справување со економските ризици и намалување на зависноста од стратешки суровини, ЕК потсетува дека ги предложи законите за критични суровини, за чипови на ЕУ и за нето нулта емисии од индустријата, ја зајакна безбедноста во снабдувањето со лекови, презеде чекори за изградба на дигитална економија и за зголемена безбедност на храната, го постави европскиот столб за социјални права и изготви Стратегијата за економска безбедност.

 Сепак, за да се постигнат стратешките приоритети на Европа и да се одговори на идните предизвици, според Еврокомисијата, ќе бидат потребни значителни дополнителни јавни и приватни инвестиции.

 – Инструментот за закрепнување и отпорност помага ЕУ да се насочи кон одржлив раст преку поттикнување на амбициозни реформи и инвестиции.

Програмите за кохезивна политика и „ИнвестЕУ“ придонесуваат за реализација на стратешките приоритети, како што се зелената и дигиталната транзиција, иновациите и социјалните инвестиции и вештини, како и поддршката за малите и средните претпријатија, смета ЕК.

 Според Комисијата, потребно е усогласување на предложената реформа на Европската рамка за економско управување, како адекватен одговор на предизвиците што претстојат и да се создаде јасност и предвидливост за националната фискална политика во иднина.

 – Со оглед на тоа што најголемиот дел од финансирањето на клучните приоритети на ЕУ ќе треба да дојде од приватниот сектор, од клучно значење е создавањето деловно опкружување погодно за инвестиции.

Комисијата ги продолжува своите напори за развој на длабоки и интегрирани пазари на капитал, за комплетирање на Банкарската унија и за воспоставување ефикасна одржлива финансиска рамка, се додава во документот.

 Од средбата во Гранада нема да бидат донесени никакви формални одлуки, од причини што станува збор за неформален собир посветен на дискусии и дебати, но сепак се очекува лидерите на ЕУ да барем да „стават на хартија“ некакви насоки пред Самитот на Унијата во декември годинава, на кој веројатно ќе треба да бидат донесени потенцијално клучни одлуки за иднината на блокот и Европа.

сп/Фото: Европска Унија/МИА Архива .

Извор: МИА