Националниот парк „Галичица“ доби современа лабораторија за едикативни и мониторинг активности


Јавната Установа „Национален парк Галичица“ од Охрид доби современа лабораторија, наменета за надополнување на активностите во полето на еколошка едукација и на работата на Националниот парк во редовните мониторинг активности.


Станува збор за активности спроведена во рамки на проектот „Заштита на пештерските еко-системи и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“.


Главна цел на поширокиот проект е јакнење на капацитетите на Националниот парк „Галичица“ и подигнување на свеста на локалното население за адаптација кон климатските промени и за заштита на загрозените растителни и животински видови и пештерските еко-системи.

Лабораторијата е опремена со соодветна опрема како што се микроскоп, флакони, епрувети, епендорфи, пинцети, мензури, стаклени чашки, петриевки и слично.


Инаку, во самиот национален парк се спроведуваат активности за „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови од негативните ефекти на климатските промени“.

Експертски тим од Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ од Скопје спроведува спелеолошки, биоспелеолошки, петрографски и микроклиматски испитувања во пештерите на Галичица. Тимот работи на утврдување на состојбата на пештерските екосистеми и на влијанието на климатските промени врз пештерите.


Целта на истражувањата е конзервација и заштита на пештерските екосистеми од негативните ефекти на климатските промени. аб/дма/

Фото: НП „Галичица“


Охрид, 6 април 2023 (МИА)