Breaking News

Националната гарда на САД ги приземји сите хеликоптери


Сите хеликоптери на Националната гарда на САД се приземјени поради извршување безбедносни проверки, по низата инциденти на овие летала во кои имаше смртни случаи.


Началникот на Националната гарда, генерал-полковник Џон Џенсен и нареди на авијацијата безбедносно приземјување за да се „преиспитаат безбедносните процедури и мерки“ по падот на хеликоптерот Aх-64Д „Апач“ на Националната гарда на Мисисипи на 23 февруари, во кој загинаа двајцата пилоти.


Претходно, на 12 февруари, се урна хеликоптер, исто така „Апач“ на Националната гарда на Јута, но и двајцата пилоти ја преживеаја несреќата.

Приземјувањето, кое стапи на сила завчера и беше објавено еден ден подоцна, се очекува да биде укинато откако сите единици ќе ги поминат проверките, но во официјалното соопштение од војската не е посочено колку долго може да трае тој период.


„Ние сме борбени сили кои извршуваат задачи и обука со хеликоптери ширум светот, секој ден. Безбедноста е наш приоритет.

Ќе бидеме приземјени додека не бидеме сигурни дека нашите екипажи се подготвени за се што може да се побара од нив“, рече Џенсен.


Тој не откри која е причината за двете несреќи, а познато е дека истрагата е во тек. рп/Фото: МИА архива .

Извор: МИА