Breaking News

Нафтали Бенет: Мора да го заземеме Рафа за Хамас да си замине


– Поранешниот израелски премиер Нафтали Бенет во изјава за Си-Ен-Ен повтори дека воената операција на неговата земја во Рафа е неопходна за да се елиминира палестинската екстремистичка организација Хамас.


– Речиси секој Израелец сфаќа дека треба да го земеме Рафа ако сакаме Хамас да си оди. Ако не ги уништиме целосно, тие целосно ќе се обноват, рече Бенет.


Тој смета дека околу милион цивили кои побегнале од конфликтот во другите делови на Појасот Газа во тој најјужен град во малата енклава, можат да бидат преместени во областа северно од Кан Јунис.

– Видете, тоа не е хотел со пет ѕвезди. Таму не е удобно. Овде ништо не е она што ние сакавме да го направиме, рече Бенет.


На новинарско прашање дали Белата куќа се обидува да го смени израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, поранешниот премиер на Израел одговори дека тоа е демократска земја и не е тајна дека се одржуваат големи протести поради политичката ситуација.

– Но, во исто време, огромно мнозинство Израелци ја поддржуваат целта за уништување на Хамас, бидејќи навистина немаме друг избор, рече Бенет.


Тој на Х најави дека ќе продолжи да дава интервјуа за странски медиуми откако во средата зборуваше за Фокс њуз.

Израелската војска вчера соопшти дека планира да насочи голем дел од 1,4 милиони раселени Палестинци во Рафа на „хуманитарните острови“ во централниот дел на земјата.


Судбината на Палестинците во Рафа ги загрижува израелските сојузници. Хуманитарните организации предупредуваат дека офанзивата во Рафа ќе биде катастрофа.

Израел тврди дека таа е потребна за да се постигне целта да се елиминира Хамас. јт/Фото: МИА архива .

Извор: МИА