Breaking News

Над 850 егзекуции во Иран минатата година


Затворите во Иран станаа вистински „места на масакр“ во 2023 година, со најмалку 853 егзекуции од кои повеќе од половина се поврзани со прекршоци поврзани со дрога, осуди денеска Амнести интернешенел.


Бројот на егзекуции во 2023 година е највисок од 2015 година и е зголемен за 48 отсто во споредба со 2022 година и 172 отсто во споредба со 2021 година, наведува Амнести, која ја повикува меѓународната заедница да преземе акција за „запирање на ужасниот бран на егзекуции“.


Во соопштението се додава дека од почетокот на оваа година досега се извршени 95 егзекуции.

-Иранските власти ја заострија смртната казна со цел да шират страв меѓу населението и да ја зајакнат владата, по протестите „Жени, живот, слобода“, обвинува Амнести.


Бран протести го потресе Иран неколку месеци по смртта во притвор во септември 2022 година на младата иранска Курдка, Махса Амини, која беше уапсена од моралната полиција поради непочитување на строгите исламски кодекси за облекување.

Девет лица беа егзекутирани во врска со тоа востание, според невладината организација.


Исто така, се нагласува дека 2023 година беше „одбележана со шокантно интензивирање на примената на смртната казна против малолетните престапници, со егзекуција на 17-годишно момче и четворица млади лица осудени за кривични дела извршени на возраст под 18 години“, забележува организацијата.

Егзекуциите во Иран обично се вршат со бесење, понекогаш и јавно. мс/фото: МИА архива .


Извор: МИА