Breaking News

На средбата на лидерите од Медитеранот договорен фонд за инвестиции


На Самитот на лидерите од Медитеранот, одржан синоќа во Рим, беа утврдени насоки за формирање фонд за финансирање инвестициски проекти и гранична контрола, со цел подобро регулирање на миграциските текови.


На почетокот на Конференцијата за развој и миграција, на која се собраа лидерите на околу 20 земји, италијанската премиерка Џорџа Мелони рече дека сака да промовира нов начин на соработка меѓу земјите на имиграција и земјите на емиграција, по примерот на договорот што Европската Унија го потпиша со Тунис со цел да се спречи доаѓањето на мигрантите на стариот континент.


Премиерката најави создавање фонд каде ќе се собираат парите на донаторска конференција, чиј датум не е утврден.

Оваа иницијатива веќе е поддржана од Обединетите Арапски Емирати со околу 100 милиони евра. На самитот не беа усвоени други конкретни мерки, но тоа е „почеток на долг процес“, додаде  Мелони.


На средбата, покрај лидерите на Медитеранот, беа и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и претставници на ОН и меѓународните финансиски институции.

ссм/фото: Твитер профил на Мелони .


Извор: МИА