Breaking News

На Клиниката за нефологија лани 3.400 хоспитализации, прегледани 13 500 пациенти 


Еднаков пристап за третман и оптимално лекување на бубрежно болните е во фокусот на Светскиот ден на бубрегот, што денеска се одбележа во ЈЗУ Универзитетската клиника за нефрологија – Скопје.


 Министерот за здравство Илир Демири во обраќање на настанот посочи дека во текот на вчерашниот ден се изведени две трансплантации на бубрег, а по иницијатива на Министерството за здравство започната е кампања за сензибилизација и скрининг на 2000 пациенти, која ќе се одвива во целата држава.


На Клиниката за нефрологија, информираше Демири, во текот на 2023 година направени се 13. 500 прегледи, околу 3. 400 хоспитализации, како и приближно 6000 ехо прегледи.

Во тек на изминатата година под покровителство на Министерството за здравство обезбедени се 3. 100 вакцини за Хепатит Б, како протокол за вакцинација на сите пациенти.


– Сето ова што го наброив укажува дека бубрежната болест се наметнува како приоритет на Министерството за здравство и колку грижливо се трудиме да ги решаваме и да излеземе во пресрет на сите луѓе, рече Демири.

Фондот за здравство, укажа Демири, ги покрива комплетно трошoците на оние кои имаат потреба од хемодијализа, дури и ако немаат осигурување.


Како што посочи директорката на Универзитетстаката клиника за нефрологија Ирена Рамбабова Бушљетиќ, глобалната кампања за одбележување на Светскиот ден на бубрегот е започната во 2006 година и вообичаено се одржува во втората недела од март.

– Секоја година се организира Светскиот ден на бубрег почнувајќи од 2006 година се со цел да се слушат најактуелните теми и прашања кои што се во интерес на здравствените политики.


Изминатите неколку години има серијал на настани кои што се под мотото „Здрави бубрези на сите“ и уште еден поднаслов којшто се менува во текот на годината, посочи Рамбабова Бушљетиќ.

Вели оваа година, за разлика од изминатите години, акцентот е да се обезбеди еднаков пристап за третман и оптимално лекување.

– Акцентот е на превенцијата и новите медикамендозни третмани кои што се настојува да бидат достапни на пациентите кои што имаат таква медицинска индикација, посочи Рамбабова Бушљетиќ.

ра/лв/Фото: МИА  .

Извор: МИА