Breaking News

На Кипар синоќа пристигнале 263 мигранти, Христодулидис разговараше со Фон дер Лајен


– Вкупно 263 мигранти, со два чамци доцна синоќа биле откриени во морскиот дел во близина на Кипар и биле спасени, согласно локалните медиуми, со што продолжуваат зголемените мигрантски бранови на островот, а кипарскиот претседател Никос Христодулидис за конкретното прашање телефонски разговараше со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, јави дописничката на МИА од Атина.


Христодулидис истакна дека земјата е во состојба на криза и објасни дека со фон дер Лајен разговарале исклучиво за зголемените мигрантски бранови од Либан.


-Како што знаете, ЕУ обезбедува значителна финансиска помош за Либан, како за самата земја, така и за прием на сириски мигранти.

И јас побарав од самата претседателка на Комисијата да контактира со либанските власти. Не може да се дава помошта, а да имаме такви појави, истакна Христодулидис.


Објасни дека паралелно ЕУ има намера уште повеќе финансиски да му помогне на Либан, но посочи дека Либан ќе треба да не им дозволува на мигрантите да заминуваат од земјата и да доаѓаат на Кипар.

-Се наоѓаме во состојба на мигрантска криза.


Внатрешно, направена е важна работа, за прв пат дојдовме до степен да депортираме повеќе од оние што доаѓаат, ова се однесува на нелегалните мигранти и не зборувам за оние на кои им е потребна меѓународна заштита, но во Република Кипар не може да продолжи оваа ситуација.

Внатрешно направивме сè што требаше да се направи, за да ја контролираме ситуацијата.


Проблемот што се појави е надворешен и затоа побарав лична интервенција од претседателката на Комисијата, објасни Христодулидис.

Според кипарските медиуми, од неделата на Кипар пристигнале 13 чамци со вкупно 739 нелегални мигранти, а вчера Христодулидис свика вонреден состанок на Советот за национална безбедност ср/ссм/ .

Извор: МИА