Breaking News

МЗШВ: Повторно активен системот за наводнување Макарија, ќе следи обесштетување за штетите


Низ цевководот Макарија денеска е пуштена вода и системот за наводнување е повторно активен, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.


Оттаму, ги информираат земјоделците од Росоман и Градско дека предвидуваат и обесштетување за настанатите штети на овошните насади поради дефектот на системот за наводнување Макарија.


-За рекордно време санирана е хаваријата и вода повторно има до земјоделските површини.

Земјоделците од Росоманско и Градско можат да бидат сигурни дека нивните култури ќе бидат обезбедени со наводнување за оваа сезона.


Направено е комплетно оспособување на цевководот, извршени се сите градежни работи кои беа неопходни за непречено користење и истиот повторно е ставен во функција, соопштуваат од МЗШВ.

Оттаму, известуваат дека по настанатото оштетување на цевководот Макарија, сите служби биле ставени на највисоко ниво на подготвеност за изнаоѓање на решение за спас на сезоната за наводнување.


Преку координација на МЗШВ и Владата веднаш се пристапило кон изнаоѓање на техничко решение за надминување на проблемот.

Биле ангажирани и експерти од Градежниот факултет Скопје и направени соодветните измени на програмите за обезбедување на финансиски средства.


-Во ургентен рок, согласно законските процедури беше избран изведувач и започнаа активностите на санирање. Дадениот збор пред земјоделците го исполнивме.

За само месец и половина, благодарение на нашата брза реакција успеавме да ја санираме најголемата хаварија во водостопанската инфраструктура досега.

Владата и МЗШВ ја одигра својата улога, и заеднички со другите институции, посветено работејќи успеавме навремено да делуваме, во интерес на сите нас, а најмногу за земјоделците од Росоман и Градско, спасувајќи го годинешниот род, велат од МЗШВ.

Од министерството истакнуваат дека земјоделците немаат повеќе причина за грижа. -Комплетно е завршена санацијата на цевководот, низ кој веќе повторно тече вода за наводнување на земјоделските површини.

Исклучително брзата санација на цевките е завршена пред планираниот рок, за само месец и половина, за што се обезбедија над 1,3 милиони евра и системот за наводнување кој беше оставен на забот на времето веќе 50 години, сега е целосно функционален, посочуваат од МЗШВ.

Оттаму, ги информираат земјоделците од Росоман и Градско дека предвидуваат и обесштетување за настанатите штети на овошните насади поради дефектот на системот за наводнување Макарија.

-МЗШВ, заедно со општините Росоман и Градско, веќе ја започнаа постапката за обесштетување на земјоделските производители на праски од овој регион кои немаа вода токму овој месец од годината.

Веќе се активни повиците за пријавување во општините, а потоа врз основа на доставените податоци од општините, министерството до Владата ќе достави извештај преку кој точно ќе се знаат обесштетувањата кој може да ги направиме, велат од МЗШВ.

Од Министерството нагласуваат дека нивната грижа за земјоделците ја докажуваат преку конкретни мерки.

-Продолжуваме со капиталните инвестиции во водостопанството, инвестирајќи во нови модерни системи и брани за наводнување.

Оваа година со новиот модел за субвенционирање земјоделците од Росоман и Градско се сведоци на навремена исплата на субвенциите за овоштарите, во вредност од 290 милиони денари кон 10. 604 корисници.

Следува авансната исплата на 30 проценти од субвенциите за 2023 година, нешто што прв пат се случува во земјоделството, токму преку новиот модел за субвенционирање кој започна од оваа година, известуваат од МЗШВ.

Од Министерството велат дека преку конкретни мерки кои даваат резултати, МЗШВ ги мотивира земјоделците и го стимулира развојот на домашното производство на храна и со тоа влијае на растот на економијата и развојот на државата.

ир/лв/ Фото: МЗШВ .

Извор: МИА