Breaking News

МТСП: Преку размена на искуства до унапредување на политиките за родова еднаквост


Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска заедно со државната секретарката на Секретаријатот за европски прашања Дрита Абдиу Халили и шефицата на канцеларијата на UN Woman во Република Северна Македонија Весна Ивановиќ Кастaред имаа работен ручек со министерката за родова еднаквост и работен век на Шведска Паулина Брандберг.


Како што информира МТСП, целта на средбата била размена на искуства кои можат да ги унапредат политиките во однос на родовата еднаквост, како и размена на искуства од успешно  имплементираните политики во двете држави.


Тренчевска за време на средбата истакна дека родовата еднаквост е приоритет на Владата и дека за тоа е доказ низата донесени родово сензитивни политики.

– Како следна цел на Министерството за труд и социјална политика е донесувањето на Законот за родова еднаквост со кој се осигураат еднаквите можности и еднаквиот пристап до ресурсите на мажите и жените во Република Северна Македонија, се наведува во соопштението.


Во однос на синхорнизација на приватниот и професионалниот живот на жените, Тренчевска го истакнала новиот Закон за работни односи, кој предвидува родителско отсуство и воведување на новите институти – мајчинско отсуство и татковско отсуство.

Таа посочи дека овој закон е целосно усогласен со европските регулативи. За време на средбата шведската министерка Брандберг ги објасни своите приоритети во  работата.


Таа истакна дека непријавеното насилство е број еден приоритет, додавајќи дека на тој предизвик може да се одговори само ако се опфатат сите видови насилство.

Министерката, како што се наведува, посочи дека особено е важно да се работи на дигиталното насилство, како дел од актите на насилство кои го одбележуваат поновото време како и креирањето на соодветен одговор кој ќе овозможи заштита на голем број млади девојки.


– Двете министерки се согласија дека родово – базираното насилство се искоренува преку економско зајакнување на жените и преку активација на пазарот на труд.

Двете земји имаат соодветни предизвици во оваа област, но посветеноста и приоритетот кој е даден на ова прашање е гаранција за успешно спроведување на планираните проекти и активности, се вели во соопштението од МТСП.

мд/аа/Фото: МТСП      Извор: МИА.