Breaking News

МП: Предлог законот за правда на децата до крајот на октомври ќе биде доставен во владина процедура


Предлог законот за правда на децата до крајот на октомври ќе биде доставен во владина процедура, информираат денеска од Министерството за правда.


Оттаму посочуваат дека во изработката на овој Закон учествувале сите субјекти во системот на правда за децата, УНИЦЕФ и невладините организации.


-Работната група за подготовка на Предлог законот за правда за децата во процесот на консултации со засегнатите страни посвети особено внимание на препораките за подобрување на законодавната рамка за правда за деца изрaботени од УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, се наведува во соопштението.

 Со предложените решенија, како што посочуваат од Министерството за правда, направен е значаен исчекор со додефинирање на најдобриот интерес на детето, а се очекува да се зајакне и улогата на центрите за социјална работа во примената на ресторативна правда односно вонсудските постапки за дејствие на дете што со закон е предвидено како кривично дело или прекршок и да се зголеми заштитата на деца жртви од секундарна виктимизација согласно европските стандарди.


 -Особено се значајни предложените решенија во членовите 97 и 98 во кои е транспонирана Директивата на Европскиот парламент за процедурални заштитни мерки за деца кои се осомничени или обвинети во кривична постапка и во нив се уредува правото на дете на поука за правата и право да биде придружувано од родителот/старател во текот на испитувањето пред органот што ја води постапката или од друго полнолетно лице определено од детето, се посочува во соопштението.

Од Министерството за правда додаваат дека ќе се реафирмира системот на специјализација на субјектите во системот на правда за децата со тоа што стручните работници во центрите за социјална работа, судии, јавни обвинители, адвокати и медијатори мора да присуствуваат на специјализирана обука за права на детето и детско престапништво од најмалку пет дена во текот на годината во земјата или во странство.


-Како министер за правда ја реафирмирам приоретната заложба на Министерството за правда за натамошно целосно и фактичко остварување на најдобриот интерес на детето преку правда по мерка на децата, како основно начело на Конвенцијата за правата на детето, вели ресорниот министер Кренар Лога.

дма/са/Фото:Министерство за правда .


Извор: МИА