Мој термин стана добра алатка за префрлање на пациентите од државно, на попладневното приватно


Децениски реформи во здравството, а граѓаните незадоволни. Како што доаѓа нов министер за здравство веднаш најавува сериозни хируршки резови, нов клинички центар, нови болници по општините, подобрување на здравствените услуги, но хоророт во кој се наоѓа државниот здравствен систем станува сѐ пострашен. Системот Мој термин станува алатка за манипулација, а не за олеснување на пристапот на пациентите до здравствените услуги.


Главната придобивка од ваквиот политички популизам е само подобрување на пи-ар алатките во обидите на секој нов министер да прикаже дека јавното здравство функционира беспрекорно.


На другата страна од нивната фотелја, пациентите со месеци чекаат за слободен термин за специјалистички преглед или операција. Во недостиг на термини во системот Мој термин, голем дел од пациентите со сериозни здравствени заболувања и потреба од итен оперативен зафат, се приморани тоа да го прават на приватно во некоја од државните здравствени установи. Или по приватните болници.

Претпладне, на државно, со месеци се чека на слободен кревет за операција на пример, а попланде, на приватно, работата може да се заврши и за ден-два.


Здравствените власти пак најавуваат измени во Мој термин. Министерот за здравство неодамна најави дека ќе следат измени во начинот на кој се закажува термин кај лекарите со што ќе се овозможат повеќе термини кај еден доктор.

Дали ова ќе го реши проблемот со чекање со месеци за слободен термин и прегледи и операции кои се наплаќаат на приватно?


На официјалниот интегриран национален систем за електронско закажување и евидентирање на медицински интервенции Мој термин многу ретко се наоѓа слободен термин во Скопје или во други градови во државата за истиот или пак следниот ден. За посериозни медицински интервенции се чека и до три месеци. Кога побаравме термин за одделот за интерна медицина во Скопје на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, на компјутерот слободен термин добивме за три месеци. Во поликлиниката Букурешт – 22 дена. Прв слободен термин на општа хирургија во Скопје во ЈЗУ Градска општа болница 8 Септември е за 13 дена. На универзитетската Клиника за кардиологија од вкупно 30 доктори колку што има наведено во Мој термин, само кај двајца од нив може да се најде термин и тоа првиот е за 20 дена, а кај вториот доктор после 38 дена, а кај другите доктори треба да чекате повеќе од три месеци.

Мој термин првично беше креиран да им го олесни пристапот до јавно здравство на пациентите и процесот при закажување термини за лекарски преглед. Сепак, нашето секојдневие покажа дека пациентите се оставени на милост и немилост, поради што одат во приватните здравствени установи или пак закажуваат операции на приватно во државна болница, и тоа кај истите доктори за кои во системот Мој термин е невозможно да се закаже во следни 2 до 3 месеци.


Незавидната состојбата во која се најде нашиот граѓанин се должи, пред сѐ, на непочитување на законските определби од страна на здравствените работници – Законот за здравствена заштита (ЗЗЗ), Стратегијата за здравство 2021-2030, но и други акти.

Поранешниот министер за здравство д-р Драган Даниловски смета дека се соочуваме со непочитување на законските одредби во врска со листата на термини, но и неукоста – непознавањето на граѓаните на сопствените права во врска со термините за прегледи и интервенции.

„Имено, ако не биде испочитуван закажаниот термин со задоцнување не поголемо од 15 минути, тие имаат право да поднесат известување (писмено или усно на записник) до одговорниот на здравствената установа (директор или друг), на кое раководството е должно да одговори. Понатаму, може да се формира дисциплинска комисија која ќе го испита случајот и евентуално, ќе донесе решение за дисциплинска казна на здравствениот работник. Ако граѓаните би го користеле овој механизам, тешко дека некој доктор би си дозволил половина од работното време да прегледува пациенти дојдени „со врски“, додека редовно закажаните молчешкум (да не речам бекетовски) да го „чекаат Годо“. Згора на тоа, постои обврска за видео надзор во чекалните (член 226-а), со кој треба да се следи дали постои гужва во чекалните и на шалтерите“, вели во изјавата за МКД.мк д-р Даниловски.

За целиот текст ТУКА