Мицкоски за Мерко: Не треба некој друг да ни кажува дека имаме криминал


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во врска со ставањето на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко на црната листа на САД, како и за можноста за нејзино проширување, рече дека тоа е само потврда на она што го чувствуваат граѓаните во земјава.


Тој истакна дека на таа листа е ставен градоначалник, кој е дел од највисокото раководство на политичката партија Демократска унија за интеграција, поради тоа што имаат докази дека има голем криминал позади него, но и дека влијаел во судството и носењето судски одлуки.


– Нам не ни треба некој друг да ни кажува дека има криминал во Република Македонија, тоа го чувствува секој еден граѓанин, кога ќе го прашате ќе ви кажат дека за жал Македонија е најкриминалната држава, држава во која владеат кланови.

Гледате неколку фамилии во Македонија кои се дел од највисоките раководства на политичките партии од власт.


Стекнуваат милионски имот, такви се примерите, кои последниве месеци ги гледаме и сведочиме за истите.

Последниот случај со деловниот центар Соравија, претходно дуќани, хотели во центарот на Скопје, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на настанот на кој заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски присустуваше на пуштање во употреба на оперативен центар на ЈКП „Гази Баба“ во Трубарево.


Според лидерот на опозицијата, единствен што го брани Мерко е премиерот Димитар Ковачевски.

– Единствен што го брани Мерко е Димитар Ковачевски, дури и самата ДУИ молчи и затоа ќе сумирам се додека оваа мафија не ја исчистиме од корен, на Македонија нема да и тргне, нема да тргне напред и нема да има надеж и ќе продолжи да се празни, рече тој и додаде дека „идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да го искорени криминалот“.


 Во однос на случувањата во Судскиот совет, Мицкоски рече дека во земјава судиите и обвинителите се поставуваат по партиска препорака, односно од неколкумина од партиите.

– Се знае кој е задолжен во СДС, а кој кај ДУИ.

Можам на ливче да ви ги напишам именувањата на оние кои во иднина ќе бидат обвинители и судии, од прв до последен и да ви кажам кој ја дава препораката за нив.

Која општинска организација или кој општински огранок на ДУИ и кои двајца луѓе ќе дадат за тие да бидат обвинители или судии, рече Мицкоски. Фото: ВМРО-ДПМНЕ .

Извор: МИА