Breaking News

Мицкоски на средба со бордот на директори на „Македонија 2025“


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, потпретседателката Гордана Димитриеска Кочоска, членот на Извршниот комитет Маја Кадиевска Војновиќ и Зоран Ставревски вчера остварија средба со бордот на директори на „Македонија 2025“.


 На средбата, како што информира ВМРО-ДПМНЕ, се разговараше за искористување на економските потенцијали и потребата за поддршка на приватниот сектор и иницијативи што ќе придонесат до забрзан економски раст.


-Беа споменати фундаментите кои ќе бидат програмска заложба на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, како што се поддршката на претприемништвото, иновациите и дигитализацијата која треба да доведе до шанса и напредок на младите и фаќање чекор со модерните европски и светски трендови, се вели во соопштението.

 Од страна на Мицкоски, како што се наведува, беше посочено дека програмата која ќе ја понуди ВМРО-ДПМНЕ ќе биде реална и остварлива платформа врз која ќе се креира идниот напредок на државата и ќе треба да обезбеди повисок стандард и иднина за сите граѓани.


мд/Фото: ВМРО-ДПМНЕ .

Извор: МИА