Breaking News

Мишел: Важно е ЕУ да демонстрира единство во одбраната на своите принципи и вредности 


Во овие тешки времиња важно е Европската Унија да демонстрира единство во одбраната на своите принципи и вредности, изјави денеска претседателот на Европскиот советот, Шарл Мишел пред почетокот на дводневниот Самит на ЕУ во Брисел.


 – Ние го поддржуваме Израел во обидите да се одбрани себе си во согласност со меѓународно право и меѓународното хуманитарно право. Го осудуваме Хамас поради овој насилен терористички напад.


Сакаме да нагласиме и дека цивилите мора да бидат заштитени секогаш и секаде, изјави Мишел.

 Според него, и покрај почитувањето на правото на Израел да се брани, ЕУ смета дека мора да се обезбеди и пристап на хуманитарната помош до жителите на Газа.


 Тој нагласи дека во ваквиот став на Унијата нема двојни стандарди, туку станува збор за почитување на фундаменталните принципи.

 – Веруваме во меѓународното право, веруваме во свет заснован на правила и фундаментални принципи и ќе продолжиме да веруваме, изјави Мишел, додавајќи дека во услови кога некои се обидуваат да поттикнат сомнеж во кредибилитетот на Унијата, од геополитичка важност ќе биде европските лидери да манифестираат единство и да излезат со единствена позиција во однос на случувањата на Блискиот Исток.


 Во однос на Украина, Мишел истакна дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува се додека биде потребно и дека на средбата ќе стане збор за можностите за зајакнување на поддршката за земјата.

 Мишел истакна дека тема на средбата ќе биде и ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) на Унијата за периодот 2021-2027 година, посочувајќи дека шпанското претседателство со ЕУ предложила добро решение кое ќе биде разгледувано од членовите на Советот.


 – Се надевам дека на заседанието на овој Совет ќе постигнеме напредок и што е можно поскоро, најдоцна до крајот на годината, ќе ја имаме ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка, додаде Мишел.

 Според претходните најави, во фокусот на Самитот на Унијата, што денеска и утре ќе се одржи во Брисел, ќе бидат ситуацијата на Блискиот Исток, поддршката за Украина во справувањето со руската агресија, ревизијата на Повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ, состојбата на европската економија, прашањата за миграцијата и азилот и теми поврзани со надворешно политички прашања, како состојбите во регионите на Сахел и на Јужен Кавказ и односите Приштина-Белград.

сп/Фото: Скриншот .

Извор: МИА