Breaking News

Мишел: Депортацијата на деца од Украина е обид за културен геноцид


Украина и сите Украинци водат битка што не ја започнаа, ја бранат својата земја од војна што не ја сакаа и ги штитат своите деца од страдањето што никој не го заслужува и се обидуват да ги спасат од уште еден ужас на оваа војна – нивните присилни киднапирања од страна на Русија, изјави претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во обраќањето на седницата Советот за безбедност на ОН во Њујорк.


– Таканаречените „посвојувања“, во реалноста се депортации на деца.


Ве прашувам сите вас, вклучително и руските претставници: дали можевте да прифатите да ви го украдат и депортираат детето? Вашето дете да биде принудено да го заборави вашето семејство, вашиот јазик, вашата земја? Таканаречено „превоспитување“, всушност, е обид за културен геноцид, додаде Мишел.

Според него, со тоа што ги бранат своите деца, Украинците го бранат она што е најскапоцено – нивните семејства, нивната иднина, нивната слобода.


 – Затоа ние, Европската Унија, цврсто ја поддржуваме Украина за да се брани. Се додека се напаѓаат невините, ние ќе им помагаме да се одбранат.

И ние ќе останеме покрај нив, онолку колку што треба, потенцира Мишел.


Претседателот на Европскиот совет додаде дека се поставува прашањето кој ќе биде следен по Украина за да се задоволи фантазијата на рускиот претседател Владимир Путин по минатото и сонот на Кремљ да ја врати старата Руска Империја.

– Украина е местото на злосторство. Насилникот седи токму во оваа просторија. Знаеш кој си. На ова место ја имаме и жртвата, нападнатиот.


И ако Русија успее во Украина, кои други земји би биле во опасност да се соочат со истите постапки, запраша Мишел.

Тој додаде дека во истата просторија со насилникот и жртвата се и сведоците на ова злосторство. – Сите ние, што седиме овде во овој Совет за безбедност, сме сведоците.

Што направивме за ова злосторство? Што направивме за оваа агресија? Што направивме кога една од постојаните членки го напаѓа својот сосед? Што направивме, додека таа го користи своето право на вето против секој од нас и против основните принципи на Повелбата на ОН?, додаде Мишел.

Тој праша зарем целта на Советот за безбедност и на ОН не е да ги заштитат мирот и безбедноста за сите луѓе, без разлика на нивната земја или континент.

– Моќните и одговорни нации едноставно не можат да мижат пред овие злосторства, бидејќи сите ние ја споделуваме одговорноста.

Одговорноста да се стави крај на војната и одговорноста да се работи за мир.

Праведен мир согласно Повелбата на ОН и нејзините основни принципиза почитување на територијалниот интегритет на секоја суверена нација.

Праведен мир кој нема да трае, ако злосторствата останат неказнети, рече Мишел.

Тој му се обрати на кинескиот претставник, нагласувајќи дека ЕУ ја поздравува постапката на Кина што побара од Русија да не користи нуклеарно оружје, но мора да продолжи понатаму.

– Ајде да ги здружиме силите за да ја убедиме Русија да стави крај на оваа криминална војна која повредува толку многу луѓе.

Ајде да ги здружиме силите за да ја убедиме Русија да ги почитува принципите на Повелбата на ОН.

Последиците од ова злосторство се прошируваат низ целиот свет, а најновите цинични акции на Кремљ само ги влошуваат работите. Со повлекување од Црноморската иницијатива за житото, на пример.

Кога ќе стрелате проектили врз силоси за жито во Одеса, тие исто така ја погодуваат и Африка и ги убиваат најранливите, уништувајќи животи на милиони, нагласи Мишел.

Тој истакна дека пред очите на меѓународната јавност се одвива трагично злосторство, на кое сите се сведоци.

– Мора да застанеме цврсто на страната на нападнатите, особено овде во Советот за безбедност. Затоа и се роди оваа тело и затоа сме денеска овде: да кажеме „не“ на агресијата.

Да ги заштитиме мирот, безбедноста и соработката меѓу луѓето и меѓу сите наши народи, порача Мишел во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН. сп/Фото: Скриншот .

Извор: МИА