Breaking News

Министерски состанок за безбедносна соработка во ЈИЕ низ призма на организиран криминал, криумчарење мигранти и трговија со луѓе


„Трендови и предизвици во регионалната безбедносна соработка во регионот на ЈИЕ низ призмата на организираниот криминал со акцент на криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе и нејзино натамошно унапредување“, е насловена  конференцијата за министри за внатрешни работи, безбедност и заштита на граѓанинот, што се одржа денеска во Скопје, во рамки на македонското претседавање со Процесот за соработка на Југоисточна Европа кое завршува во јуни годинава.


Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, по министерскиот состанок, посочи дека иницирањето на оваа платформа имало за цел да ги продлабочи односите меѓу земјите од Југоисточна Европа.


– Рамката на овој процес вклучува промоција на начелото за добрососедство, парламентарна соработка меѓу земјите, засилен економски развој и зголемување на трговијата и странските директни инвестиции, заштита и превенција од природни и човечки непогоди, миграции, прекуграничната соработка и регионалното поврзување и друго, рече Тошковски, на заедничка прес-конференција со молдавскиот колега.

Тој појасни дека во рамки на Конференцијата и на иницијатива на македонското Министерство за внатрешни работи, е усвоена и заедничка изјава на министрите за внатрешни работи на регионот на ПСЈЕ, со која, како што нагласи, се согласуваат да ја прошират и надградат соработката и координацијата.


 Молдавскиот министерот за внатрешни работи Адриан Ефрос изјави дека денеска била усвоена една заедничка изјава за проширување на соработката, подобрување на размената на информации и зајакнување на врските со ЕУ.

– Тука сум за да ја потенцирам важната улога на процесот за соработка меѓу Југоисточна Европа и нашите тековни дискусии, особено кога станува збор за одржување ред.


Овие платформи беа од клучно значење за да можеме ефективно да соработуваме.

Оваа платформа има за цел да ги продлабочи односите во Југоисточна Европа, да промовира добрососедски односи, да го зајакне економскиот развој и да ја унапреди безбедноста.


Министерската средба се фокусираше на трендови и предизвици во однос на регионалната безбедност, особено во организираниот криминал, криумчарење мигранти и трговијата со луѓе, додаде Ефрос.

бд/аа/Фото: МИА .

Извор: МИА