Breaking News

Министерот Османи ќе учествува на Конференција на ЕУ за справување со дезинформациите и странското мешање


– Министерот за надворешни работи Бујар Османи попладнево во Брисел ќе учествува на Конференцијата „Позадината на дезинформациите: Зајакнување на нашите општества против манипулациите и мешањето на странските информации“, чиј домаќин е високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.


Османи ќе говори на панел-дскусијата на Конференцијата, на која обраќања ќе имаат и претседавачот на Специјалниот комитет на Европскиот парламент за странско мешање во демократските процеси (ИНГЕ) и прв човек на пратеничката група на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) во ЕП, Рафаел Глуксман, помошничката генерална секретарка на НАТО за јавна дипломатија Мари-Доа Бесасено и заменик генералната секретарка на ОН за глобални комуникации Мелиса Флеминг.


Конференцијата ќе започне со воведно обраќање на Борел, кој при тоа ќе го претстави Вториот извештај на Европската служба за надворепни работи (ЕЕАС) за странско мешање и заканите за манипулација со информациите, а ќе заврши со говор на потпретседателката на ЕК за вредности и транспарентност Вера Јоурова посветен на активностите на Европската комисија за справување со заканите по демократијата.

Како што соопшти ЕЕАС, Конференцијата има за цел да ги обедини државите партнери на ЕУ, институциите на Унијата и земјите членки во поттикнување на уште подоброто разбирање за тоа како може соработката меѓу засегнатите страни во справувањето манипулациите и мешањето на странските информации да се доведе на следно ниво.


Вториот извештај на ЕЕАС дава преглед на актуелните закани поврзани со манипулациите и мешањето на странските информации, се занимава со прашања за ефикасните контрамерки и поставува сеопфатна рамка за одговор, помагајќи им на сите засегнати страни поефективно да соработуваат во борбата против манипулација со информациите.

сп/вг/Фото: МИА Архива .


Извор: МИА