Министерот Бесими се сретна со директорите на ЕБОР Колангели и Туркменоглу


Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) е една од најзначајните и најактивна меѓународна финансиска институција во земјава која има голем придонес во постигнатиот напредок и развој на земјата.


Заедно со ЕБОР во изминатиот период се реализирани 175 проекти во вкупна вредност од 2. 554 милиони евра и таквата плодна соработка ќе продолжи и во иднина.


Ова било истакнато на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со директорот на ЕБОР за Западен Балкан Матео Колангели и новиот шеф на Канцеларијата на ЕБОР во земјава Фатих Туркменоглу.

Од Министерството за финансии пренесуваат дека Бесими упатил честитки до Туркменоглу за преземањето на новата должност и му посакал успех, напредок и идна плодна соработка во реализација на многу проекти за развој и просперитет на нашата држава.


-Уверен сум дека веќе воспоставената соработка со ЕБОР ќе продолжи и во наредниот период преку подготовка и реализација на приоритетни проекти кои имаат големо позитивно влијание врз нашата економија и условите за живот на граѓаните.

Тоа  е  заедничка цел и очекувам широка поддршка во остварување на поставените приоритети, истакнал министерот Бесими.


На средбата станало збор за проекти коишто во моментов се реализираат со поддршка од ЕБОР во енергетскиот сектор и инфраструктурата и за нивниот понатамошен тек, како и за поддршката што се очекува во делот на енергетската транзиција од јаглен кон чиста енергија за што стојат на располагање 85 милиони американски долари преку Климатски инвестициски фонд со цел забрзана енергетска транзиција и справување со предизвиците во реализацијата на тој процес.

ЕБОР ќе биде главна меѓународна финансиска институција на земјава со чија помош ќе се реализира овој процес.


На средбата било посочено дека државава веќе презема и активности во однос на иницијативата за проширување на работењето на ЕБОР во субсахарска Африка и Ирак покрената на Годишниот состанок во 2023 година во Самарканд.

лв/са/фото:Министерство за финансии  .

Извор: МИА