Breaking News

Mеморандум за соработка меѓу Општина Крива Паланка и културните институции за подобра реализација на културната програма


За успешна реализација на културните настани и квалитетна културна програма, Општина Крива Паланка потпиша Меморандум за соработка со културните чинители во градот, Национална установа Центар за култура Крива Паланка и Локална установа Градски музеј.


Меморандумот го потпишаа градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски, директорот на Градски Музеј Драган Величковски и в. д. Директорот на НУ Центар за култура, Антони Стојановски.


Од локалната самоуправа посочија дека со Меморандумот за заедничка соработка помеѓу трите страни се зајакнуваат поддршката и унапредувањето на активностите од областа на културата, културните настани и манифестации, културните простори, техничките и логистички капацитети за организација на културни настани, како и промоција на настаните и активностите од културната сфера во општина Крива Паланка.

Во рамки на настанот извршено е и примопредавање на музичко-сценска опрема на Националната установа Центар за култура-Крива Паланка, набавена од општината и Градскиот музеј во тековната 2023 година.


Набавени се: бинска опрема, опрема за осветлување и ново озвучување кои беа предадени на Центар за култура со која, како што истакнаа од најстарата културна установа во општината, НУЦК, трасирана е четиригодишна концепција за развој и унапредување на културата во градот.

Општина Крива Паланка во 2023 година покрај останатата програма за култура и бројните традиционални меѓународни фестивали, само во рамки на „Кривопаланечко културно лето“ организираше повеќе од 50 настани, што е исклучително висока бројка.


Во претстојната 2024 година програмата за култура ќе биде спроведена со рекордни, 8. 490. 000 денари, а Општина Крива Паланка ќе аплицира и за манифестацијата „Град на културата“. ид/мд/  .

Извор: МИА