Breaking News

Меѓународна конференција „Креирај го твоето место за растење“


Центарот за семејно и детско згрижување (КМОП Скопје), во соработка со Првата детска амбасада во светот Меѓаши, денеска ја организираат меѓународната конференција „Креирај го твоето место за растење“.


Како што информираат од КМОП Скопје, овој настан се очекува да ги нагласи ефикасните заеднички напори за доброто на децата на локално ниво.


Конференцијата, водена и модерирана од деца и млади, ќе ја отворат Мари-Мадлин Канелопулу, раководителка на секторот за економски прашања, градење институции и прекугранична соработка во Делегацијата на ЕУ и Кристина Василеска, директорка на Центар за семејно и детско згрижување КМОП Скопје.

На клучната сесија на Меѓународната конференција, стручните лица и претставниците од канцелариите на УНИЦЕФ од Австрија и Грција, општина Катерини од Грција, општина Крефелд од Германија, кои имаат практично искуство во локалното планирање за децата, ќе зборуваат за Иницијативата на УНИЦЕФ за градови пријателски за децата (Child-friendly Cities Initiative) во нивните земји и ќе ја споделат праксата на водечките локални власти во Европската унија кои се посветени на децата.


Обраќање ќе имаат и претставничката на УНИЦЕФ во државава Патриција Ди Џовани, Драги Змијанац, претседател на Прва детска амбасада во светот Меѓаши, градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на  Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Општина Виница, Миле Петков, Димитар Георгиев, средношколец во СУГС „Георги Димитров“ и  Ангелка Кескинова, доцент при Институтот за семејни студии на Филозофски факултет.

Меѓународната конференција се организира во рамките на проектот „Место за растење – Општини посветени на децата“, финансиран од Европската Унија.


фф/лв/Фото: Центарот за семејно и детско згрижување (КМОП Скопје) .

Извор: МИА